Што „не е во ред“ со источна Германија?

Екстремно десничарската АфД води на анкетите во поранешните покраини на ГДР - и за тоа делумно е виновна долгогодишната пристрасност во германските медиуми и политиката


Берлинскиот ѕид „ќе стои 50, па дури и 100 години“, прорече Ерих Хонекер, водачот на социјалистичка Источна Германија, во јануари 1989 година. Не за прв пат, тој спектакуларно грешеше. Ѕидот падна само 10 месеци подоцна, во ноември 1989 година. Но, не паднаа сите бариери за германското единство со него. Германската Демократска Република (ГДР) на Хонекер можеби е избришана од мапата со наредните настани, но како последователна слика што нема да избледи, нејзините контури остануваат врежани на културниот, економскиот и политичкиот пејзаж на Германија.

Во 2024 година, истокот на земјата останува во остар фокус како центар на анти-естаблишмент движења. Три од петте покраини што некогаш ја формираа ГДР ќе одржат регионални избори во септември, чии резултати се очекуваат со загриженост пред општите избори закажани за следната година. Екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) води на анкетите во сите три, а истовремено е втора најсилна партија на национално ниво. Во избезумената потрага по одговори кои би можеле да помогнат да се објасни и да се бори против подемот на екстремизмот, многумина прашуваат: што не е во ред на истокот?

Тоа не е ново прашање. Источните Германци, наречени Осис, долго време се гледани со сомнеж од медиумскиот пејзаж во кој преовладуваат западните Германци или Весис. Дури и поголемиот дел од регионалните весници на исток се водени од западна редакција, а тоа има последици врз начинот на кој луѓето се гледаат и прикажуваат. Матијас Допфнер, шефот на една од најголемите европски медиумски групи, „Аксел Шпрингер“, мораше да се извини минатата година откако беше објавена преписка во која тој тврдеше: „Осисите се или комунисти или фашисти… одвратни“.

Тој не е единствениот што чувствува дека нема смисла да се занимава со источни Германци. Во текот на последните општи избори во 2021 година, владиниот функционер одговорен за источна Германија под тогашната канцеларка Ангела Меркел (која самата порасна во ГДР) тврдеше дека некои од неговите колеги Оси биле „социјализирани во диктатура на начин што по 30 години сè уште не стигнале во демократија“. Тој сметаше дека само мал дел „потенцијално може да се врати“. Армин Лашет, човекот кој се надеваше дека ќе ја замени Меркел како канцелар, неволно патуваше во источната покраина Саксонија-Анхалт за време на неговата кампања, говорејќи главно пред поканетата публика. Политичката мудрост беше дека незадоволните Оси не вредеа напор, имајќи предвид дека тие сочинуваат само 16,7% од населението.

Бидејќи источните Германци се толку мало и недоволно застапено малцинство, нивното однесување и карактеристики мрзеливо се отпишани како отстапување од западногерманската норма, поттикнувајќи пркосен менталитет ние-против-нив. Според едно минатогодишно истражување, 40% од луѓето на истокот експлицитно се идентификуваат како „источни Германци“. Додуша, тоа е помалку од 52% кои се чувствуваат „Германци“, но за разлика од тоа, само 18% од западните Германци се идентификуваат по линијата на нивната поранешна држава од времето на студената војна.

Овој источногермански идентитет, во комбинација со чувството да се биде друг и маргинализиран, е моќна работа што АфД може да ја искористи. Екстремно десничарската партија вложува многу во своето присуство на теренско ниво. На вечерите во пивниците, предавања и други локални настани, се ангажира со вистински луѓе, наместо со избрана публика. Пораки како „Истокот се крева!“ се појавуваат на плакатите на АфД, зборувајќи со луѓе кои сметаат дека се запоставени од мејнстримот.

Затоа, начинот на кој другите партии треба да ја вратат довербата на гласачите од Источна Германија бара емпатија, а не осуда, а тоа започнува со признавање на нивните уникатни искуства во сегашноста и во минатото. Комплексните животи што источните Германци ги имаа во ГДР сè уште често се отпишуваат како „диктаторска социјализација“, како сè што правеле и мислеле пред обединувањето да било во најдобар случај неважно за денешната реалност, а во најлош случај токсично за нив. Биографиите пред 1990 година се сметаа за срамни, опасни и погрешни, па беа самоцензурирани од многу источни Германци. Дури и Ангела Меркел, која 16 години раководеше со највисоката политичка функција во земјата, не чувствуваше дека може слободно да зборува за своето минато. Во едно ретко интервју минатата година, таа призна дека се воздржувала сето ова време затоа што се плашела дека луѓето ќе речат: „Сега таа повторно продолжува со нејзината Источна Германија“.

Има и економски нерамнотежи, на кои многумина од Истокот не сакаат да се осврнат поради стравот да не бидат етикетирани со широко распространетиот погрден термин „Џамероси“ или „дрдорливи Оси“. Сепак, тешките економски факти се непобитни. Според бројките од 2021 година, источните Германци сè уште имаат 11% помалку расположлив приход од нивните западни сонародници, а тие наследуваат само околу половина од богатството. Ставете го речиси секој економски показател на картата и старата поделба исток-запад повторно се појавува.

Но, има знаци дека нешто се менува во јавниот дијалог за истокот. Минатата година, новата „дебата исток-запад“, како што ја нарекоа германските медиуми, почна да се засилува кога голем број книги се појавија на листите на бестселери што ги напишаа луѓе родени во ГДР. Најуспешниот беше „Исток: западногермански пронајдок“, лут трактат за тоа како поминале источните Германци од 1990 година, напишана од професорот по литература Дирк Ошман. Се тврди дека комбинацијата на дискриминација, недоволна застапеност и претходно постоечка нерамнотежа на моќта и богатството го одржа јазот меѓу истокот и западот ширум отворен.

Книгата на Ошман е продадена во над 150.000 примероци. Тој смета дека приемот бил толку феноменален бидејќи „остро ја стави во фокусот слепата точка на дебатата за проблемите на источна Германија, имено големиот дел од одговорноста што Западна Германија ја има за нив“.

Има и други јасни знаци дека истокот се префрла во националниот фокус, дури и надвор од многу тесната политичка дебата околу АфД. Мојата историја на ГДР, „Отаде ѕидот“, исто така падна во оваа нова дебата исток-запад кога се појави во превод во Германија минатата година. Често се разговараше за неа во врска со книгата на Ошман, а исто така помина со месеци на листите на бестселери. На полиците се појавија и други нови публикации, вклучително и романи од и за Осис. Книгите можеби се различни по стил, содржина, формат и основна публика, но она што им е заедничко и она што им дозволи да допрат до суровиот нерв е тоа што сите тие го прават она што Меркел сметаше дека не може да го направи пред само неколку години: „повторно за Источна Германија“.

Отворена е жестока национална дискусија за минатото, сегашноста и иднината на источна Германија. Ја споделувам надежта на Ошман дека тоа спаѓа во една поширока фаза на повторно преговарање за националната самоперцепција на Германија. Триесет и пет години по падот на Берлинскиот ѕид, специфичните грижи, искуства и идентитети на источните Германци сè уште се важни, и тие треба да се сфатат сериозно во обид да се осигура дека невидливиот ѕид во Германија нема да стои 50 година или дури и 100 години.

(Катја Хоер е германско-британска историчарка и новинарка. Нејзината најнова книга е „Отаде ѕидот: Источна германија 1949-1990“. Текстот е објавен во „Гардијан“.)