Блинкен: САД се залагаат Хамас и Израел сега да постигнат договор за примирје


САД вршат притисок Израел и Хамас „во моментов“ да постигнат договор за примирје со ослободување на заложниците по речиси седум месеци борби во Газа Стрип, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Тел Авив.

„Дури и во овие тешки времиња, ние сме решени да постигнеме примирје со кое заложниците ќе се вратат дома, и тоа да го постигнеме веќе сега. А единствената причина зошто тоа не би се случило е Хамас“, рече Блинкен денеска во Тел Авив за време на состанокот со израелскиот претседател Исак Херцог.

Посредниците Египет, Катар и САД сè уште го чекаат одговорот на Хамас на најновата понуда за примирје, која вклучува крај на израелската офанзива во Појасот Газа и ослободување на палестинските затвореници во замена за ослободување на заложниците кои Хамас ги заплени на 7 октомври за време на нападот врз јужен Израел.

Блинкен вчера го притисна Хамас да „го прифати без дополнително одлагање“ примирјето, кое тој го опиша како „исклучително великодушен предлог од Израел“.

Хамас, сепак, бара „траен прекин на огнот“ пред каков било договор за ослободување на заложниците, што Израел досега го отфрли, продолжувајќи да укажува дека ќе ја започне својата копнена офанзива врз Рафах, град во јужниот дел на Појасот Газа, кој се смета последното локално упориште на Хамас и каде околу 1,5 милиони Палестинци сега се главно раселени поради војната.

За време на неговата посета на Израел, Блинкен се очекува да изврши притисок врз израелската Влада да дозволи повеќе помош да влезе во Појасот Газа, каде што ОН предупредуваат на неизбежен глад поради недостиг на храна.

Американскиот државен секретар денеска треба да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и да го посети Ашдод, израелското пристаниште во близина на Газа неодамна повторно отворено за да испрати помош на палестинската територија.