ОН наскоро ќе гласаат за можноста за меѓународно признавање на Палестина

Од:

Генералното собрание на Обединетите нации би можело да гласа во петок за нацрт-резолуција со која Палестинците ќе се признаат како квалификувани за полноправно членство во ОН и ќе препорача Советот за безбедност на ОН да го разгледа потенцијалното членство.

Гласањето во петок ќе покаже колкава поддршка уживаат Палестинците за нивната кандидатура, која беше ставена на вето од страна на Соединетите Држави во Советот за безбедност минатиот месец. Барањето за полноправно членство во ОН мора да биде одобрено од петнаесетчлениот Совет за безбедност, а потоа и од Генералното собрание.

Дипломатски извори очекуваат дека Генералното собрание во кое има 193 земји членки ќе ја поддржи нацрт-резолуцијата која оди во насока на членство на Палестина во ОН. Сепак, се уште се можни промени во текстот на резолуцијата, откако некои дипломати изразија загриженост за дополнителните права и привилегии што сегашниот нацрт им ги гарантира на Палестинците.

Сметаат дека такво нешто може да стане преседан и за некои други случаи како Косово и Тајван.

Амбасадорот на Израел во ОН Гилад Ердан ја осуди нацрт-резолуцијата што ќе биде претставена на Генералното собрание за три дена, велејќи дека таа де факто ќе им даде на Палестинците права и државност, што според него е спротивно на Повелбата на ОН.

„Доколку нацртот биде усвоен, очекувам САД целосно да го прекинат финансирањето на институциите на ОН, во согласност со американските закони“, рече Ердан.

Имено, според американските закони, Вашингтон не може да финансира ниту една организација на ОН која обезбедува полноправно членство на која било група која нема „меѓународно признати атрибути“ на државност. Така, во 2011 година престанаа да го финансираат УНЕСКО, откако Палестина стана полноправна членка.

„САД ја задржуваат својата позиција дека најдобриот пат за палестинскиот народ до државност е преку директни преговори“, рече Нејт Еванс, портпарол на американската мисија во ОН.

„Ја повторуваме нашата загриженост за какви било напори да се прошират одредени придобивки за ентитетите кога има бројни отворени прашања, како во случајот со Палестина“, рече тој.

Палестинската кандидатура за полноправно членство во ОН се дебатира седум месеци по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, додека Израел ги проширува своите населби на окупираниот Западен Брег, кои ОН ги сметаат за нелегални. ОН долго време поддржуваат решение за две држави, една до друга, секоја во безбедни и признати граници.

Палестинците сакаат држава на Западниот Брег, во Источен Ерусалим и Појасот Газа, територии кои, според нив, Израел ги окупирал во 1967 година.

Би можело да ве интересира

Кинескиот амбасадор во ОН: Резолуцијата за Сребреница не е во согласност со реториката за мир и стабилност

Борел: Земјите-членки на ЕУ поделени за палестинското прашање

Како гласаa Македонија и регионот за резолуцијата со која се зацврстува статусот на Палестина во ОН

Борел: Шпанија, Малта, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина

Генералното собрание на ОН треба да ја поддржи кандидатурата на Палестина за членство

Си Џинпинг: Кина го поддржува полноправното членство на Палестина во Обединетите нации