Примирјето во Газа денеска влезе во последните 24 часа, при што Хамас соопшти дека е подготвена да ја продолжи паузата откако ослободи повеќе заложници, вклучително и четиригодишно дете сираче во нападот на 7 октомври.

За време на „паузата“, која започна на 24 ноември, беа ослободени 58 заложници – Израелци и странци, а за возврат Израел ослободи 117 палестински затвореници.

Доколку ништо не се промени, денеска треба да бидат ослободени уште 11 Израелци и 33 Палестинци.

Вниманието сега е фокусирано на тоа дали примирјето ќе биде продолжено пред неговото планирано завршување во раните утрински часови на 28 ноември, пренесе АФП.

Хамас изрази подготвеност да го продолжи примирјето, а извор на АФП рече дека групата им кажала на посредниците дека е подготвена да го продолжи за „два до четири дена“.

Израел се соочува со огромен притисок од семејствата на заложниците, како и од сојузниците да го продолжи примирјето за да обезбеди повеќе ослободувања.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа во телефонски разговор со американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Израел ќе ја продолжи операцијата во Газа во полна сила штом истече привременото примирје со Хамас.

Но, исто така, рече дека ќе го поздрави продолжувањето на примирјето доколку тоа го олесни ослободувањето на дополнителни 10 заложници дневно, како што е договорено во договорот со Хамас постигнат со посредство на Катар.