ДИК изброја 75 отсто од гласовите: Силјановска има 266, а Пендаровски 130 илјади

На трето место е Бујар Османи, со четири отсто предност пред Таравари. Другите кандидати се многу подолу


 

ДИК ги објавува резултати од гласањето, кои стигнаа до 75,88 отсто од гласовите и според тие податоци за Гордана Силјановска-Давкова гласале 39,52, а за Стево Пендаровски 19,30 отсто. Во гласови тоа е 266 илјади на 130 илјади.

Од другите кандидати извонреден резултат има Бујар Османи, кој според досегашното пребројување е на третото место со 14,39 отсто гласови, а Арбен Таравари досега има освоено околу 69 илјади гласови или 10,28 отсто. 

Зад нив се Максим Димитриевски со 8,45 отсто, Билјана Ванковска со 4,43 и Стевчо Јакимовски со 0,82 отсто.

Гледано по изборни единици, испаѓа дека во Тетово Османи води пред Таравари и, што е најинтересно, Османи води и пред Максим Димитриевски во Куманово. Дали ќе биде така и на крајот, кога ќе се пребројат  сите гласови, не се знае, но сепак се гледа одреден тренд кај гласачите.

Најмногу гласови Силјановска добила во изборните места кај што имаше најголема излезност, што покажува дека мобилизираноста на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ била многу поголема од таа на СДСМ и дека тие главно гласале до 14 часот, по што излезноста не растеше со исто темпо како утрото. Силјановска до овој момент најмногу гласови остварила во Кратово, престолнината на Социјалистичката партија, Османи во Пласница, а наспроти тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека Стево Пендаровски не води ни на едно место, тој води во четири – во Крушево, Маврово и Ростуше, Центар Жупа и Старо Нагоричане. Во Струмица пак води Силјановска. 

Интересно е и што градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, е дури петти на гласањето во неговата општина со досега освоени само 896 гласови.