Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) го најави традиционалниот првомајски протест, на кој годинава, како дел од борбата за работнички права, ќе се побараат и враќање на трошоците за храна и за превоз во висина од 20 проценти од просечната плата и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра. Синдикатот реагира и околу минималната синдикална кошничка, која, поради растот на цените на храната и на другите услуги, во април достигна 60.212 денари. Таа, како што потенцираат од ССМ, е за 1.214 денари повисока отколку во март годинава, кога беше 58.998 денари. Според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, граѓаните, и покрај растот на платите, реално се посиромашни, оти ретко кое семејство располага со месечен приход од илјада евра за да може да преживее

 

 

 

Враќање на трошоците за храна и за превоз во висина од 20 проценти од просечната плата и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, се барањата на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Тие најавуваат дека, традиционално, и годинава ќе излезат на протест на 1 Мај, за заштита на работничките права. Според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, треба да им се вратат овие права на работниците, загубени во 2009 година.

– Тоа е поради бруто-системот на пресметка на платите во Македонија, па трошоците за храна и за превоз се загубија. Ќе бараме и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, онолку колку што изнесува во регионот, за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците од Македонија да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси. Сите ние заедно се соочуваме со притисокот од ниските плати, со нашата егзистенција и со проблемите што му ги прават на синдикалното движење со конфискувањето на Работничкиот дом – смета Трендафилов.

Тој посочи дека работничкото движење е исправено пред сериозен предизвик поради, како што кажа, односот на креаторите на политиките, кои во изминатиов период покажале и докажале дека водат грижа за себе, а не и за работниците. Тоа се должи на трошоците за живот, како и на ниските плати.

Тоа, додаде, е недозволиво во едно општество и ги повика сите работници, сите синдикати, сите организации што се борат за работниците, да му се придружат на работничкиот протест на 1 Мај. Работнички протест, како што најави, ќе започне во 11 часот, од пред Работничкиот дом, по што работниците ќе одат до Собранието, Стопанската комора и ќе завршат пред Владата.

 Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

Сојузот на синдикатите реагира и околу минималната синдикална кошничка, која, поради растот на цените на храната и на другите услуги, во април достигнала 60.212 денари. Таа, како што потенцираат од ССМ, е за 1.214 денари повисока отколку во март годинава, кога беше 58.998 денари.

– Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, таа изнесува 75.587 денари – велат од Сојузот на синдикатите на Македонија и дополнуваат дека во едно четиричлено семејство се трошат: 22.200 денари или 36,9 отсто за храна и за пијалаци; 4.866 денари за облека и обувки, односно 8,1 отсто; 6.014 денари или 10 отсто за станарина, вода, електрична енергија и греење; 1.827 денари или 3 отсто за лична хигиена и одржување на хигиената во домот; 1.059 денари или 1,8 отсто за здравје; 5.068 денари, односно 8,4 отсто, за транспорт.

Но, од ССМ предупредуваат дека доколку живее семејството во изнајмен стан, тогаш месечно му се потребни многу повеќе пари.

– Потребни им се дополнителни 15.375 денари и со тоа минималната синдикална кошничка на едно четиричлено семејство изнесува 75.587 денари – велат од ССМ .

Не треба да се заборават ниту потребите за комуникации на едно четиричлено семејство. Така, Синдикатот пресметал дека му биле неопходни 3.004 денари, односно 5 отсто од износот на минималната кошничка, за рекреација и култура 4.378 денари или 7,3 отсто, за образование 6.955 денари или 11,6 отсто, за ресторани и хотели 3.890 денари или 6,5 отсто, а за други стоки и услуги – 950 денари, односно 1,6 отсто.

Државниот завод за статистика деновиве објави дека просечната исплатена плата во февруари изнесувала 39.276 денари. Во својот најнов извештај, Државниот завод за статистика објави дека за една година, висината на платите е зголемена за 16,5 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата за вработен во февруари 2024 година, во однос на февруари 2023 година, изнесувал 116.5.

Статистиката е едно, реалноста е друго

Трендафилов смета дека граѓаните, и покрај растот на платите, реално се посиромашни.

– За жал, работниците во Македонија, од јануари до април, се посиромашни месечно за некаде околу 3.000 денари или за 50 евра. Тоа доволна причина да има поголема масовност на првомајскиот протест и да кажат дека платите реално се мали – дециден е Трендафилов.

Тој укажува дека реално, во секојдневниот живот, трошоците се високи.

– Тоа што можам да го кажам е дека новата пресметка на минималната синдикална кошничка сигурно ја преминува психолошката бариера од 60 илјади денари. Реалноста покажува дека треба да биде црвен картон за сите оние што се сомневаа и во пресметката на минималната синдикална кошничка, меѓутоа се сомневаа и укажуваа дека работниците во Македонија може да преживеат со многу помалку. Лесно е да се живее со 2.500 евра, но тешко е да преживеете со 22.500 денари – потенцира Трендафилов.

Ќе јадеме леб по стара цена

Пристигнуваат смирувачки тонови од Агробизнис комората при ССК за цената  на лебот, како основен животен продукт. Тие велат дека таа засега е стабилна и нема да се менува. Но, сепак, според нив, неизвесно е што ќе се случува со војната во Украина и на Блискиот Исток, која директно влијае врз цената на нафтата.

– Не се знае ниту каква ќе биде жетвата во Русија и во Украина и што ќе се случува со производството на жито. Но, во овој момент, цената на лебот е стабилна и ќе остане иста – информира Горан Ѓорѓиевски од Агробизнис комората при Сојузот на стопанските комори (ССК).

Тој, сепак, потсети дека бизнисот и натаму стои зад либералниот концепт, дека секогаш понудата и побарувачката треба да ја одредуваат конечната цена.

Што се однесува, пак, за Законот за нефер трговски практики и лимитирањето на цените на одредени прехранбени производи, според претседателот на ССК, Трајан Ангелоски, тоа се две различни прашања. Како што појаснува, лимитирањето на цените не се коси со овој закон.

(В.Ма.)