КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Маѓепсан генерациски триаголник телевизија – мобилен – огледало

96

Седи детето навалено во фотелја, со нозете префрлени преку потпирачот, чукајќи нешто на својот мобилен телефон и уживајќи во сончевото саботно претпладне. Мајката излегува од кујната и ѝ се обраќа на ќерката со прашање за нејзините саботни планови. Девојчето молчи и продолжува да пишува на својот мобилен телефон, воопшто не реагирајќи на нејзиното прашање. Мајката застанува, ги става рацете на колковите, правејќи ја буквата „ф“ и повторувајќи го прашањето со малку повисок тон. Девојчето молчи, нема одговор и на повтореното прашање. Задлабочено во пишувањето на мобилниот, не забележува ништо околу себе. Мајката, речиси со викање, му се обраќа, повторувајќи го прашањето и воопшто не чекајќи го одговорот, продолжува да му зборува за невоспитаност, безобразие, непочитување, задолжително споменувајќи го она познато „наше време“, споредувајќи го сегашниот со некогашниот однос на децата кон родителите. Девојчето едвај ја крева главата од мобилниот и, со нетрпение во гласот, ѝ се обраќа на мајката: „Мамо ма, ми го упропастуваш и попречуваш социјалниот живот!“.

Ова е поразителната вистина за младите генерации, сегашниот социјален живот и за односот на младите кон родителите и кон животот воопшто.

Зависни од своите мобилни телефони и од виртуелниот живот, младите генерации ги сврзале сиот свој живот, интересот и знаењето со социјалните мрежи, губејќи контакт со реалниот живот и предизвиците што ги носи. Навикнати на инстант знаење и сервирани одговори, младите генерации престанаа да истражуваат, да се прашуваат, да откриваат, да резонираат и  логички да размислуваат. Вистината за нив е она што е објавено на порталите и на социјалните мрежи, животот е она што е сликано и објавено, значењето и важноста се диктирани од бројот на следачи и на „лајкови“. Никаде не си бил и ништо не си правел ако не ставиш слика со објава за тоа каде си. Храната послужена во ресторан, пијачката во кафуле не смеат да се допрат пред да бидат неколку пати фотографирани и објавени на социјалните мрежи. Патувањето мора да се докаже со објавена слика од мобилниот телефон, а „аутфитот“ на секоја слика треба да ти е различен, во спротивно ризикуваш сериозна критика од „фолоуверсите’“. Младите генерации ги гледаат животот, околината, случките и настаните само низ камерата и преку екранот на мобилниот. Ако не се објават настанот, доживувањето, патувањето на социјалните мрежи, како да не се ни случиле. Животот на младите стана страница на социјалните мрежи, сцена на објави и „лајкови“. Реалниот живот ја замени виртуелната стварност, па глетката на млади што седат на иста маса и не се ни погледнуваат, задлабочени во своите мобилни телефони на кои пишуваат, стана секојдневна.

Токму таквото живеење во еден имагинарен, виртуелен свет што ја обликуваше младата генерација, создаде низа проблеми со кои се соочуваат и младите, но и општеството. Брзите, инстант и сервирани одговори до кои доаѓаат со еден клик на својот мобилен, им ги одзедоа на младите духот на истражувањето, трагањето, откривањето, па во краен случај – и размислувањето. Токму затоа на последните ПИСА-тестирања имаме меѓу најслабите резултати и 75 % функционално неписмени деца, со неприменливо практично знаење. Преку 60% депресивни деца на возраст од петнаесет години е, исто така, последица на ваквиот начин на живеење, а и бројот на самоубиства не е занемарлив како последица на отуѓеноста, осаменоста, отфрленоста, предизвикани од ваквиот начин на комуникација. Истражувањата на „Еунет“ покажуваат дека изложеноста на децата на Интернетот и видеоигрите со насилна содржина ја зголемуваат желбата за физичка пресметка, предизвикуваат насилнички размислувања, ги зголемуваат агресивните емоции и агресивната акција, а ја намалуваат позитивната акција. Врсничкото насилство, отсуството на толерантност, невоспитаноста и непочитувањето се резултатот што го даваат ваквата изложеност на Интернетот и ваквото воспитување во отсуство на домашно и на училишно воспитување. Според  истражувањата, најголемиот број од младите меѓу седум и седумнаесет години го минуваат секој миг од своето слободно време во генерацискиот маѓепсан триаголник телевизија – Интернет – губење време пред огледало.

Децата повеќе не се воспитувани од родителите, наставниците и од професорите, туку од ебиветри, кои се нарекуваат инфлуенсери, сомнителни типови што се нарекуваат гуруа, квазиексперти, изопачени ликови.

Само со сериозен пристап на родителите, општеството и на државата можеме да ги намалиме овие негативни влијанија и полека да создаваме нормална младина, а со тоа и нормална иднина, при што треба да се прекине со истакнувањето само на правата на детето туку треба да се истакнат и неговите обврски и одговорност, затоа што едно без друго не оди и создава паразити и психотични личности.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)