Претставничкиот дом на САД го усвои законот со кој може да се забрани ТикТок на национално ниво

Одлуката може да доведе до отстранување на ТикТок од сите американски продавници за апликации, освен ако кинескиот технолошки гигант „БајтДенс“ не го продаде својот удел во платформата

Photo by Solen Feyissa on Unsplash

Помина нацрт-законот за забрана на ТикТок во Америка во Претставничкиот дом со 352 гласови за, наспрема 65 гласови против. Одлуката сега е во рацете на Сенатот, но сè уште не е јасно кога и на кој начин ќе гласаат членовите, јави Би-би-си.

Одлуката може да доведе до отстранување на ТикТок од сите американски продавници за апликации, освен ако кинескиот технолошки гигант „БајтДенс“ не го продаде својот удел во платформата.

Во меѓувреме, претседателот Џо Бајден рече дека ќе го потпише законот доколку помине во Сенатот.

Нацрт-законот беше создаден за да ја „заштити националната безбедност на Соединетите Држави од заканата од апликациите контролирани од странски противник“.

Законодавците велат дека сопственикот на ТикТок, компанијата „БајтДенс“, има врски со кинеската Комунистичка партија – нешто што го негираа и „БајтДенс“ и ТикТок.

„Најголемиот противник на Америка нема зошто да контролира доминантна медиумска платформа во Соединетите Држави“, рече претседателот на комитетот Мајк Галагер, републиканец од Висконсин минатата недела.

ТикТок во Соединетите Американски Држави има 170 милиони корисници.

Американската унија за граѓански слободи (АУГС) вели дека овој потег претставува обид да се освојат евтини политички поени за време на изборна година и дополнително истакна дека многу Американци се потпираат на апликацијата за информации и комуникација.