АЛАРМ ЗА БУДЕЊЕ
Колку што власта сега има шанса што не смее да ја пропушти ако искрено сака ресетирање на коруптивниот систем, уште повеќе таа шанса не смееме да ја пропуштиме ние – граѓаните. Кога нема силно граѓанство, нема ни силни институции.
Една банална видеоснимка за погрешно паркирано „порше“ во срцето на Дебар Маало во Скопје, ми дава надеж дека граѓаните, особено младите, се будат од летаргијата. Секојдневно сме сведоци на такви ситуации, не само во центарот на Скопје. И не само во одреден период на денот. Само што, овојпат некој се одважил и во немоќта пред државата што ги штити насилниците, решил да го искористи единственото оружје што го има – да го објави видеото на социјални мрежи.
Внатрешната истрага во МВР можеби ќе открие злоупотреба на службената должност на младиот полицаец што не дозволувал пајак да го крене погрешно паркираното возило. Но, можеби ќе открие и дека младиот полицаец не постапил како што го учеле, затоа што му било страв да не го изгуби работното место.
Жално е дека алармот за будење на општеството се активираше откако пожар во кочанската дискотека однесе 60 жртви. За волја на вистината, се разбуди и власта, се разбуди и полицијата и обвинителството. Но, се плашам дека повторно ќе се успијат ако не се тука граѓаните постојано да ги држат будни.
Надежта ми се враќа кога гледам дека младите си ја бараат правдата што им следува. Надежта ми се враќа кога ги гледам девојките и момчињата од иницијативата #SupportKocani, како секојдневно на инстаграм профилот прецизно нѐ информираат што прават за да го вратат животот во градот. Надежта ми се враќа кога повторно ги прегледувам снимките од болниците во Софија и Белград, каде што млади луѓе неколку дена со часови чекаа да дадат крв за нивните врсници од кочанската дискотека кои кај нив се борат за живот. Еден од нив рече: „Ми дојде тешко, ама нели е нормално да бидеш хуман и покрај сите политички глупости“.
Нели? Нив не ги натерале да излезат ни Радев, ни Вучиќ, ни Мицкоски. Излегле, изгубиле време, трпеливо чекале во ходник, само затоа што имале став. Имале потреба да бидат луѓе.
Кај тие деца е надежта, а не во тоа што премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ Венко Филипче имале лидерска средба. Ехеее, колку сезони на лидерски средби сме изгледале. Во оваа фаза, двајцата се договориле да работат за доброто на граѓаните. Граѓаните очекуваат департизација на институциите. Прилично е наивно да очекуваме партиите да работат на департизација на институциите што самите ги партизирале.
Целиот текстт од колумната на Горан Михајловски на СДК.МК