Промоција на романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска во „Буква“

42

Во кафе-книжарницата „Буква“, на 2 април, од 19:30 часот, ќе се одржи промоцијата на новиот роман на Калина Малеска – „Светот што го избрав“. Романот е објавен како 227. книга во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа „Или-или“, а промоцијата ќе се одвива низ разговор на авторката со Илина Јакимовска.

Романот „Светот што го избрав“ е приказна за трансформацијата на Леона, чие чувство за себе и сопствениот идентитет се менува низ контактот со луѓето и просторите: подрумот во кој се вселува, состанарите, околниот двор, членовите на одборот за наставни програми, канцеларијата за состаноци, барот. На почетокот од романот протагонистката, по дваесет години живот со своето семејство, се соочува со нова ситуација, без стан, без работа, без пари, со привремен ангажман. Новите околности и луѓето што ги запознава кај неа поттикнуваат сеќавања, интроспекција, анализа на своите и на туѓите постапки, откривање на причините зад нив…

Калина Малеска е авторка на збирките раскази „Недоразбирања“ („Македонска книга“, 1998), „Именување на инсектот“ („Слово“, 2008), „Мојот непријател Итар Пејо“ („Или-или“, 2016) и „Скопје во високата зона“ („Или-или“, 2021), на романите „Бруно и боите“ („Слово“, 2006) и „Призраци со срмени нишки“ („Слово“, 2014), на драмата „Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија“ („Слово“, 2010), на книгите за деца „Арно ама“ („Или-или“, 2018) и „Вонземјанинот Лу-Ру-Су“ („Или-или“, 2021), на книжевните студии „Облици на моќ во современата книжевност“ („Или-или“, 2020) и „Визија, трансформација: Утопии, дистопии и други замислени светови“ (Филолошки факултет „Блаже Конески“, 2023), како и уредник и коавтор на студијата „Кон-текстот: дигитални осврти“ (самостојно издание, 2023).