Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Фото: Кабинет на ПРСМ/веб

Наративите што ги употребува политичкиот противник за Стево Пендаровски се во најголем дел проблематични, бидејќи се базираат на изменета содржина, т.е. или се невистини или полувистини, или, пак, им недостасува контекстот. Сепак, Пендаровски ќе треба да се соочи и со дополнителни наративи што можат да му наштетат – за мотивите за ставањето потпис на измените на КЗ веќе утредента или најновото, за неговата наводна мизогинија, бидејќи не прекинал навредлив коментар за противничката Силјановска Давкова по однос на пол и возраст

Наративите што ги употребува политичкиот противник за Стево Пендаровски се во најголем дел проблематични, бидејќи се базираат на изменета содржина, т.е. или се невистини или полувистини, или, пак, им недостасува контекст. Сепак, Пендаровски ќе треба да се соочи и со дополнителни наративи што можат да му наштетат – за мотивите за ставањето потпис на измените на КЗ веќе утредента или најновото, за неговата наводна мизогинија, бидејќи не прекинал навредлив коментар за противничката Силјановска Давкова по однос на пол и возраст

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Анализирајќи дел од почестите наративи на ВМРО-ДПМНЕ за актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој е кандидат за претседател подржан од СДСМ, се доаѓа констатација дека тие главно се базирани или на невистини или на полувистини, а неретко обвинувањето е извлечено од контекстот, па се добива искривена слика на кажаното.

 

Пендаровски не бил човек од народот

Едно од најчесто повторуваните обвинувања е она дека Пендаровски не е човек од народот, туку наводно е отуѓен од него и дека е дел од политичките елити кои не го сакаат народот. Во оваа кампања тоа е повторно во игра со  повторувањето на реченицата дека „народот е стока“, кажана некаде во 2014 и како „овци во бачило“, кажана во 2015 година.

Точната реченица од некоја предизборна средба со граѓани на Пендаровски гласи „вас не ве качуваат во комбиња како стока…“ и тоа може да се види од спотот, кој во разни варијанти го емитува ВМРО-ДПМНЕ, а го нарекува „уличниот жаргон“ на Стево Пендаровски. И додека навистина Пендаровски се изразил за гласачите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ кои присуствуваат на митинзи на таа партија дека „ги качуваат во комбиња како стока“ за да бидат присутни на настанот, уличниот жаргон на Пендаровски сега е надополнет со пораката што наводно им ја упатил во Делчево, дека „очите не сакал да им види“ ако не гласаат за него на овие избори. Оваа реченица прво е неточно цитирана, а потоа е извадена од контекст, бидејќи не се кажува дека Пендаровски ова го говори во стил на хумор и дека притоа се смее кога ја изговора реченицата. Еве ја вистинската реченица која може да се види и слушне после 9-тата минута од видеото:

Добровечер Делчево. На почетокот едно прашање. 2019 како поминавме овде на избори? Дали победивме? (од публиката се слуша „да“) Дали ќе победиме и сега? (од публиката повторно се слуша „да“) Иначи не ви идам во втор круг уопште ако не победиме уште во први круг! (по ова Пендаровски се смее, а се слуша смеа и од публиката).

 

 

Всушност, поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек од народот, каква што е неговата главна порака – Претседател на сите граѓани, „Нашиот претседател“, туку дека е елитист и дека е претседател само на оние граѓани што го гласаат. Овие напади со овој наратив не се нови, туку се повторуваат од претседателските избори во 2019 година.

 

Пендаровски не ја сакал Македонија

Вториот најчесто употребуван негативен наратив за Пендаровски е дека не си ја сака државата и се базира на неговата реченица „да не бев претседател и јас ќе се иселев“.

Но, вака кажано е извртена вистина, бидејќи е извадено од контекст. Станува збор за кажано од Пендаровски на форум за млади лидери кој се одржал во Нови Сад во ноември 2019 година и реченицата е кажана во контекст на разочарување на младите од предолгото чекање на земјите од Западен Балкан за да станат членки на Европската унија, како и тоа што стандардот во земјите е низок….

„Тие имаат само еден живот, сите ние имаме само еден живот. Никој не е луд да го потроши тој живот во држава во која ние чекаме да отвориме некое поглавје, држава која преговара не знам колку години со Европската унија, држава чии стандард – просечната плата во мојата држава, а мислам дека е сличан и со другите држави кои сме тука (застапени) на бина е околу 400 евра. Па и јас кога би бил на нивно место (на младите) – кога не би бил претседател – и јас би се селел од Македонија“, вели Пендаровски и тоа може да се провери ТУКА.

 

Оваа реченица за иселувањето од политичкиот противник се користи како клучна за да се увери јавноста дека Пендаровски е непатриот, кому му е гајле за државата, па оттука следи и друга приказна, односно зошто за него не било чудно што ги поддржувал Охридскиот и Преспанскиот договор и што ја прифатил Преговарачката рамка со ЕУ со која се исполнувале уцените од Бугарија.

 

Повторно злоупотребен Гоце Делчев

Во основата на овој наратив за Пендаровски дека тој е еден од главните виновници што ја прифатил Преговарачката рамка со ЕУ која ги поддржувала само бугарските интереси, е повторуваната дезинформација дека за Пендаровски Гоце Делчев бил Бугарин.

Нема митинг на ВМРО-ДПМНЕ на кој оваа дезинформација не се преповторува, а, исто така, е и често ширена порака од партијата преку социјалните мрежи. Но, вистина е дека Пендаровски никогаш не рекол дека Гоце Делчев бил Бугарин и тоа веќе е пишувано на овие страници, туку неговата прецизна изјава гласи:

Неспорна историска вистина е, за сите што имаат малку сознанија од тој историски период, дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин. Но, дали не е историска вистина, стопроцентна, дека Гоце Делчев се борел за македонска држава, автономија, независна држава, па дури и на крајот оставил аманет неговите коски да почиваат во независна Македонија. Не постои ниеден документ кој вели дека Гоце Делчев се борел за голема Бугарија или Санстефанска Бугарија, изјави или став дека се борел за припојување на тогашната провинција во Османлиското царство Македонија, кон Бугарија. Значи неспорна историска вистина е дека се изјаснувал како Бугарин, во тој историски контекст, како што е неспорнa историска вистина и факт дека се борел за македонска држава – вели Пендаровски во интервјуто.

 

 

Ваквиот негативен наратив за Пендаровски треба да го засили уверувањето на делот од јавноста кон која се обраќа противничката партија, дека тој нема патриотизам во себе штом си дозволил воопшто да го коментира Гоце Делчев, па оттаму јавноста не требало да е зачудена што ја прифатил и преговарал за моменталната Преговарачка рамка со ЕУ во која се бара прво измена на устав па потоа отворање на поглавјата во преговорите.

 

Невистини од зависност од местото на митингот

Се разбира, во зависност од градот каде се настапува, се уфрлаат нови елементи со кои треба да се обележи негативно претседателскиот кандидат на СДСМ, како главен противник на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Па така, пратеничката на оваа партија, Дафина Стојановска, на предизборниот митинг во Тетово пласира невистинито тврдење дека Пендаровски немал никаков став во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово и не сторил ништо освен што се сликал со талентираното дете за математика, Македон Димитриевски.

Целта е на противничкиот претседателски кандидат, во случајот Пендаровски, да му се залепат и етикетите на бездушност (модуларната болница) и користољубие (се сликал со Димитриевски за себепромоција).

Вистината е поинаква. Дури и од изборниот штаб на Пендаровски потсетија дека тој следниот ден пред објектот што изгоре даде изјава со став. Ставот беше дека следува сериозна истрага, дека ќе побара и морална одговорност, за потоа да потенцира дека тој лично во таква ситуација веднаш би поднел оставка од морални причини, што доведе до шпекулации дека се нарушени односите со Владата, поточно со Зоран Заев и со Венко Филипче.

 

 

Истото е и за талентираното дете. Вистина е дека Пендаровски во мај 2022 г. го прими Македон Димитриевски и разговараше за неговите потреби заедно со родителите, но и дека ги повика институциите, т.е. МОН и одговорните во училиштата да овозможат стимулативна средина, т.е.  да се прилагодат на потребите на талентираните деца, зашто таквите „ученици имаат комплексни образовни потреби, што претставува посебен предизвик за образовниот систем и ја наметнува потребата од индивидуализирани програми адаптирани на надарените ученици. Менување на наставни програми и планови во кои би постоеле индивидуализирани програми адаптирани за надарени ученици не е во делокруг на надлежности на претседателот. Но, освен ова, од штабот на Пендаровски посочуваат и за уште поконкретен придонес во ноември 2022 г., со признание и парична награда за успешни млади, што еднаш годишно ги доделува претседателот на државата.

 

 

Пендаровски како слуга на ДУИ

Еден од наративите е дека претседателот Пендаровски е слуга на ДУИ, т.е. наративот дека СДСМ е подизведувач на ДУИ и дека ДУИ ја водат државата, сега е префрлен и врз претседателот и кандидат за претседател Пендаровски.

Овој наратив треба да укаже и да потврди дека Пендаровски не се разликува од Ковачевски, дека ако граѓаните повторно гласаат за Пендаровски ќе ја имаат истата слика како и досега, односно дека функционерите од ДУИ реално ќе владеат повторно, затоа што се претпоставува дека во вториот круг нивните симпатизери ќе го поддржат актуелниот претседател во трката.

Во недостиг на друга аргументација освен онаа од „измените на КЗ“, можеби треба да се потсети на однесувањето на Пендаровски кон измените на Законот за игри на среќа, поточно барањето со такви измени да се исполни ветувањето на ДУИ до гласачите, дека најмалку 500 метри од образовни објекти не смее да има коцкарница. Иако сè уште не беше решил за сопствената кандидатура и дали ќе биде единствен кандидат на СДСМ и на ДУИ како дел од т.н. европски фронт, Пендаровски во февруари годинава реши да не го потпише законот од едноставна причина – не е дел од заедничко европско законодавство, а беше донесен со скратена постапка со т.н. европско знаменце.

***

Гледајќи ги примерите за почестите наративи што ги гради ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски, може да се заклучи дека најголемиот број се проблематични, односно базирани на невистини, полувистини или на недостаток на контекст.

Во меѓувреме се креираат два нови наративи кои противничката партија очигледно има намера да ги користи против Пендаровски во вториот дел од кампањата. Првиот, дека ставањето негов потпис врз измените на Кривичниот законик од септември лани било дел од поголема игра меѓу СДСМ и ДУИ за амнестирање на Никола Груевски и Сашо Мијалков, со цел да му се наштети на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Мицкоски. За ова засега нема никакви докази, само обвинување и тоа искажано во вид на прашање од Мицкоски на митинг. Да не говориме, пак, за фактот што и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беа присутни на гласањето за измените на КЗ во Собранието со што обезбедија кворум тој да биде изгласан. Но, сепак, исто така е факт, дека претседателскиот кандидат Пендаровски нема поткрепено логичко образложение зошто и тој е за измените на законот, наместо да го врати на повторно гласање во Собранието, макар и како порака кон тие што го предложија и гласаа, за што „Вистиномер“ пишуваше неодамна.

Вториот наратив што сега се гради за наводната мизогинија на Пендаровски, не за нешто што тој го кажал, туку затоа што не прекинал друг говорник и не се извинил за изречените навредливи зборови кон противкандидатот Гордана Силјановска Давкова изречени на митинг во Куманово.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција