Македонија
Времето денеска дождливо, но потопло
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни, особено во јужните делови каде што ќе имаат пороен карактер. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, информираат од УХМР.
Во Скопје променливо облачно и релативно топло со повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне 15 степени.
Утринава температурите се следниве: 1 Попова Шапка, 3 Маврови Анови, 4 Крушево, 6 Охрид, Претор, 7 Берово, Прилеп, 8 Тетово, Битола, 9 Крива Паланка, Струмица, Кавадарци, Куманово, Виница, 10 Скопје-Зајчев Рид, Демир Капија, Дебар, Штип, Гевгелија, 11 Велес, 12 Скопје-Петровец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кацарска и претходно добивала закани на социјалните мрежи, но не сакала да реагира
Прерседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска и претходно добивала закани на социјалните мрежи, но не ги пријавила во полицијата, се’ до вчерашниот инцидент со ножот најден пред нејзината гаража.
„Во однос на прашањата дали имало закани досега, претседателката Кацарска потврдува дека имало повеќе непријатности во јавноста и ситни инциденти изминатиот период кои не се пријавени, закани преку социјалните мрежи, но на нејзино лично инсистирање, не дозволила да се реагира се до вчерашната пријава“, велат од Уставниот суд.
Од тука потврдија дека во текот на вчерашниот ден, Кацарска во полициска станица пријавила евентуално загрозување на сигурноста, откако на нејзиниот приватен паркинг, во близина на нејзиниот дом, на место каде што се наоѓа нејзиниот личен автомобил е најден нож до прекинувачот за струја кој го осветлува делот околу нејзиниот паркинг и некои други предмети.
Што се однесува до прашањата дали станува збор за некаква закана, порака до претседателката Кацарска или се работи за случајност очекуваме одговорите да ги даде истрагата, велат од судот.
Претходно, за случајот информираше МВР.
„Вчера од страна на Д. К. било пријавено дека на подрачјето на Центар во подземни гаражи, пред нејзиното гаражно место, биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож, кој бил забоден на прекинувачот за светло“, велат од МВР.
За случајот известен е јавен обвинител.
Македонија
Грчки пратеник го искина Преспанскиот договор од говорницата во собранието
Лидерот на десничарско-националистичка партија „Грчко решение“, Кирјакос Велопулос од говорницата во грчкиот парламент искина лист со Договорот од Преспа.
„Ова е договорот од Преспа, ако имаше пристојна национална патриотска општествена влада, ова ќе го направеше овде“, нагласи Киријакос Велопулос, пренесува „Репортер.гр“.
Тој натаму рече и дека не постои ни северна ни јужна Македонија, Македонија е една, а тоа е Грција.
Ја повика грчката влада да ги донесе меморандумите и сите да гласаат против.
„Донесете ги меморандумите за соработка со Скопје, сите да гласаме против, бидејќи тие го поништија Договорот, а не ние“, рече Велопулос.
Засега нема реакции од македонска страна за потегот во грчкиот парламент, ниту пак од претставниците на меѓународната заедница.
Македонија
Велковски: Во Македонија сeкое дете ќе добие европска детска гаранција
Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, денеска, на Меѓународниот ден на семејството порача дека семејството е темелот на денешницата, децата се создаваат од семејната средина, а токму од таму се гради идниот свет.
На секое дете мора да му се гарантира заштита и да му обезбедиме достоинствен раст и развој.
„Голем број деца во нашата држава живеат во сиромаштија, исклучени од системите на заштита и лишени од многу права. Други, пак, остануваат без биолошките семејства. Нивното место е да продолжат да живеат во семејство, и тоа со помош и поддршка на згрижувачи затоа што тоа е најблиска форма до семејната“, изјави Велковски.
Според него, парите за згрижувачите не треба да бидат мотив да се стане згрижувач, туку тоа треба да бидат љубовта и прифаќањето.
Токму денес, на Меѓународниот ден на семејството, министерот Велковски посети згрижувачко семејство во општина Чаир, каде што се згрижени дури 5 деца.
„Секоја чест за ваквите примери. Токму од ова семејство ќе пораснат здрави индивидуи, кои ќе градат здраво општество. Се радувам кога ќе видам како вложувањето во децата на крајот се исплати“, рече министерот Велковски.
Тој најави градење политика за воведување европска детска гаранција, со цел да се обезбеди секое дете да има пристап до квалитетни услуги.