ТЕМПЕРАТУРНА ПРОМЕНА И ПОМЕСТУВАЊЕ НА ЧАСОВНИКОТ: Уште не го совладавме пролетниот замор – викендов два шока за нашиот организам!

391

По најтоплиот февруари и генерално најтоплата зима досега во нашата земја, штотуку зачекоривме во пролетта, а веќе викендов се најавуваат високи температури, карактеристрични за лето. Како тоа да не е доволно, во недела веќе не очекува промена на часовникот, поради што многу луѓе ќе имаат промени во организмот, како главоболки, но и нервоза.

Уште од 2023 година не следи тренд на температури кои се натпросечни, а последните прогнози на метеоролозите велат дека од денеска веќе не очекуваат летни денови со температури повисоки од 25 степени, додека пикот треба да биде во недела и понеделник, кога живата во термометарот во некои делови на Македонија ќе достигне околу 30 степени целзиусови.

Ваквите летни температури во рана пролет, освен што се сосема невообичаени, можат да доведат до помали или поголеми здравствени проблеми, како кај хроничните пациенти, така и кај сосема здравите лица. А, особено затоа што на последниот ден од март не чека уште еден „вонреден настан“ – поместување на стрелките на часовникот и префрлување на летно сметање на времето!

Утврдено е дека менувањето на часовникот има најголемо влијание кај метеоропатите и хронично болните, но и оние кои воопшто не пропуштаат ништо ќе ја почувствуваат оваа промена. Расеаноста, поспаноста, заморот и главоболката се само дел од проблемите кои ќе влијаат на вашиот организам.

Менувањето на часовникот и нарушувањето на внатрешниот ритам може да предизвика замор или несоница. Исто така, кај некои луѓе се зголемува ризикот од развој на депресија. По двата „вонредни настани“ следува третиот, кој оваа година се појави порано во согласност со временските услови, а тоа е пролетниот замор, состојба која трае додека телото не се прилагоди на новата сезона.