Search

Наградата „Златен објектив“ ќе му биде доделена на режисерот и сценарист Столе Попов

Режисерот, сценарист, продуцент и автор Столе Стојан Попов е добитник на наградата „Златен објектив“ која ја доделува Кинотека на Македонија. Попов, велат од Кинотека, во голема мера ја задолжи националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на седмата уметност и филмското образование.

Режисерот Попов ќе биде официјално присутен на самата церемонија, а присутните филмски работници ќе бидат во можност да проследат темелна анализа и осврт за и околу неговото творештво. На големото платно во кино салата повторно ќе може да се видат клучните остварувања со неговиот режисерски потпис – документарните филмови ОГАН, ДАЕ, АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА, како и веќе антологиските играни филмови ЦРВЕНИОТ КОЊ, СРЕЌНА НОВА 1949, ТЕТОВИРАЊЕ. Во рамките на циклусов ќе биде прикажан и македонскиот револуционерен вестерн-проект, ДО БАЛЧАК, реализиран по сценарио на легендата на македонската театарска и филмска драматургија, Горан Стефановски.

Во 70-тите години од минатиот век, македонската филмска продукција добива нов импулс со појавата на една нова авторска генерација. Суштината на оваа појава беше како веќе воспоставените традиционални вредности во македонскиот филм да не бидат само фактографска придобивка туку да се надградат со едно ново, естетско значење. Столе Попов претставува исклучителен пример за погоре напишаното.

Роден е 1950 година, во Скопје, Република Македонија. Дипломирал филмска режија на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград.

Од 1978 до 1988 година работи како режисер во „Вардар филм“, а од 1985 до 1986 година ја врши должноста директор на филмската куќа. Од 1989 година работи како професор по филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје и е раководител на катедрата по филмска режија. Од 1997 година е член на Европската филмска академија.

Добитник е на повеќе од 50 врвни европски и светски филмски награди и признанија, од кои посебно се издвојуваат осумте гран прија на разни интернационални фестивали и двете номинации , за „Оскар“ на Американската и „Феликс“ на Европската филмска академија.

Столе Попов беше номиниран за наградата Оскар на Американската филмска академија за најдобар краткометражен документарен филм со ДАЕ (МАЈКА) во 1979 г.

Најново

Последни колумни