Ластовичка

23.11.2022 10:59

Во удобна фотелја, десно од затворениот прозорец, седеше човек задлабочен во Браќа Карамазови. Надвор се прогонуваа облаци. Кога ја заврши страницата, човекот крена глава. Иако рана есен, небото беше спуштено, денот смален. Тој стана да ја потргне завесата, повеќе светлина да влезе во собата. Истиот час, на оној дел од ѕидот што беше подаден малку напред под самиот прозорец однадвор, забележа некаква хартија. Сиот се стресе. „Е, се нема мир од децава!“, огорчено помисли. Не без причина. Севезден чистеше од прозорците и балконот искинати делови од кукли, парчиња од бисквити, картонени кутијки, сликички на глумици, фудбалери, жирафи, бубачки и уште триста такви чуда што ги фрлаа децата од погорните катови. Но сега ќе им покаже... Ги стегна тупаниците. Само да ја турне хартијата.

Нервозно ја разгрна завесата и почна да го отвора прозорецот. Но наеднаш застана. Повнимателно погледна во хартијата. Тоа беше лист скинат од тетратка на ученик од второ, најмногу од трето одделение, испишан со дебели крупни букви, остро засечени во аглите. Долниот, потесен дел, иако невешто подвиткан, имаше облик на клун, за кога ќе се фрли листот да може подолго да се задржи во воздухот...

„Ластовичка!“ – се разбранува сè во човекот. Некаква чудна топлина му се разлеа во душата. Тој се насмевна и ги подзатвори очите. Долго остана така загледан во хартијата на прозорецот.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото