Започна асфалтирањето на голем број улици во населените места

24

Општина Виница започна со асфалтирање и реконструкција на рекорден број улици во населените места.

Со склучениот договор, се предвидува во рок од осум месеци да се изврши асфалтирање на улиците во селата: Црн Камен, Градец, Липец, Блатец, Пекљани, Трсино, Лески, реконструкција на улиците „Славчо Стојменски“, „Климент Охридски“,„Стив Наумов“, „Раде Кончар“, „Даме Груев“, дел од улиците „Четврта македонска бригада“ и „Јане Сандански“ во градот.

Со договорот се предвидени, дополнително, рехабилитација и на други улици и темелно крпење на ударните дупки, во вредност од 14 милиони денари.

Вкупната вредност на договорот е 45 милиони денари, со вкучен ДДВ. Сите средства се обезбедени од буџетот на Општина Виница.

– Согледувајќи ги потребите на граѓаните, а поаѓајќи од целта за подобрување на квалитетот на животот на територијата на Општина Виница, особено потребата од развој во натамошниот период, во областа од комуналното уредување и сообраќајната инфраструктура, Советот на Општина Виница едногласно донесе план и програма за развој за 2024 година. Во согласност со развојната програма и имајќи ја предвид состојбата на поголем дел од улиците, им дадовме приоритет на оние што се во многу лоша состојба и притоа не било интервенирано врз нив 30-40 години – соопштија од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека претходно се работело на изработка на техничка документација за улиците, нејзина рeвизија и издавање одобрение за градба.