Македонија
Таткото на Вања ќе оди во куќен притвор, Врховниот суд му ја уважи жалбата
Врховниот суд ја уважи жалбата на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Со тоа укинат му е притворот и определени се мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.
„Врховниот суд ја извести јавноста дека по одржаната јавна седница, Советот за казниви дела донесе решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје, КСЖ-320/24 од 2.4.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А. Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, велат од Врховниот суд.
Претходно денес, бранителот на осомничениот Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, на седницата рече дека решението со кое е продолжена мерката притвор е донесено без доволно образложенија во кои не се наведува ниеден доказ со кој се докажува зошто овој човек би требало да остане во притвор. Дополни дека осомничениот не може да се даде во бегство затоа што важноста на патната исправа му истекла и дека тој активно учествува во истрагата.
Ѓорѓиевски истакна дека е обвинуван за некои работи, кои и ден-денес не ги разбира.
„Бев прикажуван екстремно спротивно од она што сум како родител и татко. Сакам и јас да знам што точно се случува затоа што и јас водев истрага, знам парченца од тие делови. Би сакал да го дочекам моментот кога ќе го дознам идентитетот на тие луѓе, сите се еднакво криви“, рече тој.
Четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва на 3 декември. За делата грабнување и убиство на свиреп начин првообвинет е Љубомир Палевски-Палчо за кого се чека екстрадиција од Турција. Таткото е осомничен дека помагал во грабнувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Македонија
Вработена во МВР наплатувала по 15.000 евра за лажно посредување за социјален стан
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје која е осомничена за продолжено кривично дело измама според член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови.
На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.
Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.
Македонија
Отфрлени се тужбите на „Европскиот фронт“ од Уставниот суд, ќе има прегласување
До доцна во ноќта Уставниот суд расправаше по тужбите на одлуките на Државната изборна комисија – ДИК за неколку избирачки места поднесени од коалицијата „Европски фронт“. Од судот соопштија за шест одлуки според кои тужбите се отфрлени како неосновани, а тоа значи, согласно одлуките на ДИК, дека ќе има прегласување на конкретни избирачки места.
„Европскиот фронт“ имаше поднесено седум тужби на одлуките на ДИК, а Управниот суд беше ограничен со роковите за нивно решавање.
Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.
Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.