Експлозии се случија во руските воени воздушни бази во регионот Саратов и во близина на градот Рјазан, предизвикувајќи штета на авионите, пренесува Укринформ, повикувајќи се на Телеграм каналот „База“.
„Според прелиминарните податоци, утрото на 5 декември 2022 година, непознато летало удрило во пистата на локалниот аеродром. Како резултат на тоа, два авиони беа оштетени. Дополнително, две лица се повредени и пренесени во болница“, се наведува во извештајот.
Според Телеграм каналот „Астра“, беспилотно летало се урна во воздухопловната база во близина на градот Енгелс. Два стратешки бомбардери Ту-95 биле оштетени. Двајца војници се повредени и пренесени во болница.
Телеграм каналот „Сирена“ објави дека жителите на Енгелс и Саратов слушнале силна експлозија околу 06:00 часот.
Советникот на украинскиот министер за внатрешни работи Антон Херашченко објави видео од напад со дрон врз воздухопловната база Енгелс.
Дополнително, според руската државна новинска агенција Риа новости, камион со бензин експлодирал во воздухопловната база во близина на Рјазан, предизвикувајќи пожар. Како резултат на тоа, три лица загинаа, а шест се повредени.
Локалните медиуми јавија за силна експлозија што се слушнала во воената воздухопловна база Дјагилево во близина на Рјазан околу 06:30 часот, а се наведува дека еден авион е оштетен.
Според портпаролот на воздухопловните сили на вооружените сили на Украина, Јуриј Ихнат, два стратешки бомбардери се оштетени во експлозија во воздухопловната база Енгелс во руската област Саратов.
„Се случи експлозија во воздухопловната база Енгелс. Пишуваат: оштетени се два рашистички стратешки бомбардери. Пријавени се жртви“, напиша Ихнат на Фејсбук.
Според украинските извештаи, меѓу 24 февруари 2022 година и 5 декември 2022 година, вкупните борбени загуби на Русија во Украина достигнаа околу 91.690 војници.
Подготви:Д. Мишев