МААЕ загрижена дека Израел може да ги гаѓа иранските нуклеарни капацитети

by Fokus

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека е загрижен дека Израел може да ги таргетира иранските нуклеарни постројки, сепак додаде дека инспекциите на МААЕ на иранските нуклеарни постројки ќе продолжат и денеска.

Гроси, запрашан за коментар за можноста за израелски воздушен напад врз иранските нуклеарни постројки, рече дека МААЕ „секогаш е загрижена за таквата можност“ и апелираше на „максимална воздржаност“, пренесува Ројтерс.

Началникот на израелскиот Генералштаб Херзи Халеви во понеделникот изјави дека Израел ќе одговори на иранскиот напад извршен во текот на ноќта меѓу саботата и неделата, за кој Техеран соопшти дека бил извршен како одмазда за нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април, за кој Иран го обвинува Израел.

Гроси додаде дека Иран ги затвори своите нуклеарни постројки во неделата од „безбедносни причини“ и дека МААЕ, иако тие беа отворени во понеделникот, ги држи своите инспектори подалеку од локациите „додека не види дека ситуацијата целосно не се смири“.

– Продолжуваме во вторник. Ваквиот развој на настаните немаше влијание врз нашите активности поврзани со инспекциите – рече Гроси.

Инспекторите на МААЕ редовно ги посетуваат главните ирански нуклеарни централи. Техеран соопшти дека неговата нуклеарна програма е мирољубива, но западните сили го обвинуваат Иран дека се обидува да изгради нуклеарна бомба.

Поврзани новости