2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто Европа не сака високи згради?

Зошто Европа не сака високи згради?

Европската унија сочинува над 7% од светското население и над 21% од светскиот бруто домашен производ, но Стариот континент е дом на само седум од 1.000 највисоки згради во светот.

Изненадувачкиот факт неодамна го објави британскиот магазин „Economist“, кој ги истражуваше причините за ваквата ситуација, пишуваат француските изданија. Според Советот за високи згради и урбано живеалиште (CTBUH) со седиште во Чикаго, моменталната највисока кула во Европа, „Varso Tower“ во центарот на Варшава, е само 172 меѓу највисоките згради во светот со висина од 310 метри.

Финансиските пречки, незадоволството на граѓаните, строгите правила се меѓу објаснувањата за заостанувањето на Европа зад остатокот од светот во високоградбата. Едно е сигурно – тоа не се должи на недостаток на знаење и вештини. Францускиот архитект Жан Нувел има високи кули во своето портфолио во Париз, Марсеј и во странство. Кристијан де Позампарк потпиша договор за проектирање на неколку кули на Менхетен, а Франсоа Рејно го заврши својот прв облакодер во САД пред три години.

Иако има техничка експертиза, желбата за висококатници во европските градови не е толку силна. На крајот на краиштата, повеќето многу високи згради во Европа се наоѓаат на периферијата на Стариот континент – главно во Русија, но и во Истанбул и Лондон.

Африка наскоро ќе ја престигне Европа

Мора да се признае дека Европејците не изгледаат многу заинтересирани за високите кули. За разлика од САД и Азија, овие згради обично се придружени со стереотип за неквалитетна, приградска градба, често со цел да се обезбедат социјални станови.

Од историска перспектива, ова објаснува зошто изградбата на облакодери најде плодна почва во Северна и Јужна Америка, Азија и Океанија, но не и во Европа. Многу скоро дури и Африка ќе го надмине Стариот континент во однос на високите згради.

Друга сериозна пречка за висококатниците во Европа се строгите урбанистички правила и заштитата на културното наследство. „Economist“ посочува и други аргументи за ниското присуство на високите кули – старите европски градови се веќе многу густо населени, иако не се меѓу светските лидери во овој поглед. Ниту еден од 25-те најнаселени градови во светот не се наоѓа во Европа.

Изданието забележува дека на „старата Европа“ и недостасуваат големи и влијателни компании кои би сакале да го стават своето име на врвот на високата кула.

Покрај тоа, најбогатите луѓе во светот, кои се привлечени од најубавите домови на пазарот, претпочитаат историска зграда кога купуваат имот во Европа, наместо стан во ултрамодерна кула.

И од перспектива на целите за јаглеродна неутралност, станува поважно од кога било да се подобрат постоечките згради, наместо да се започне со изградба на облакодери од нула.

Во Париз по долги расправии конечно почна изградбата на кулата „Triangle“ (Триаголник), иако е пред стопирање поради Олимписките игри. Но, јасно е дека таквата градба ќе биде сè потешко да се планира во иднина надвор од деловната област „La Défense“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП