Алити: Нападот на навивачите на Башкими е вознемирувачки и нехуман случај

од Vladimir Zorba

Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, реагираше на вчерашниот напад врз навивачите на КФ Башкими. Во објава на Фејсбук напиша дека спортот е поле кое треба да ги обединува луѓето, бришејќи ги сите разлики, а не да биде поттик за разделба, па дури и за загрозување на животи.

„Вчерашниот настан што се случи на спортскиот натпревар помеѓу К.Ф.Аеродром и К.Ф.Башкими, каде беа нападнати и повредени албански навивачи е вознемирувачки и нехуман случај. Се чувствувам разочаран од бруталното однесување, кое повеќе од законско прекршување е кршење на мултиетничките и демократските општествени вредности, непочитување и навреда кон сограѓаните и нарушување на мирот и стабилноста”, напиша Алити и додаде дека чувствува тага поради овој срамен чин за општеството и нашиот век.

Тој преку оваа објава стави до знаење дека најостро ја осудува секоја насилна акција, барајќи од надлежните да го расветлат случајот.

Во рамките на 15. коло во третата Северна лига, на стадионот во скопската населба Аеродром, каде се играше натпреварот помеѓу екипите на ф.к. Аеродром и Башкими, имаше инцидент, во кој играчите и навивачите на ФК Башкими беа физички нападнати.

„До 69. минута натпреварот се играше во спортски дух и без забелешки. Во тој момент, 40 хулигани со маски, безбол палки, ножеви, синџири, камења и други метални алатки влегоа на трибините преку административниот дел на стадионот, од каде брутално ги нападнаа албанските гледачи/навивачи. Тимот домаќин не успеа да обезбеди никакви услови за безбедност на гледачите (ниту органите на редот, ниту полицијата, ниту персоналот за физичко обезбедување) и искористувајќи ги овие скандалозни пропусти, на хулиганите им беше многу лесно да навлезат и да го изведат нападот. Само божјо чудо е што немаме жртви и целата работа помина само со повреди и материјална штета. На теренот завршија камења и шипки, загрозувајќи ги животите на наши играчи“, се вели во коминикето на раководството на ФК Башкими, кои нагласуваат дека предметната група не била присутна на стадионот, туку била организирана надвор од него, со единствена цел, бруталното претепување на Албанците на трибините на стадионот.

Слични содржини