Исклучителна атмосфера, несекојдневна, флуидност која плени, низ која можеше да се насети историјата, преплетена со современоста, како сведоштво на стоицизмот и непокорноста… Вака може да се опише претставата „Сага“ на Рисима Рисимкин и на музика на Тони Китановски, која вчеравечер, во салонот на НОБ, беше изведена во рамки на јубилејното, 20. издание на „Танц фест“ Скопје. Комплетниот балетски ансамбл, предводен од примабалерините Марија Кичевска и Мими Попалексова-Атансова, како и истакнатата солистка Саша Ефтимова, во еден здив ја доловија поезијата на великанот Коневски, проткаена со извонредни емоции, кои предизвикаа бура од аплаузи.

Прекрасните костими на Благој Мицевски и сценографијата на Матеа Мијановиќ, во потполност ја отсликаа идејата на кореографката Рисимкин и создадоа магија која се чувствуваше во воздухот со секој дамар на звукот, на секогаш посебниот композитор Китановски.

Програмата „Паралели“ во НОБ ќе заврши на 23 април, со изведба на балетскиот триптих „Молитви за моето тело“, со кореографиите на Ивана Коцева, Адријана Данчевска и Саша Ефтимова.

Вечер, пак, во Младинскиот културен центар, ќе настапат гостите од Австрија, Каи Чунг Чуанг и Марија Шуркал од „Вертикалити танцова компанија“, предводена од Роуз Брус, чие гостување е поддржано од австриската амбасада во Скопје. Дел од програмата се и кореографиите „Гризење“ на Тереза Лазарев, танчарка и кореографка и „Језгро“ на кореографките и танчарки Бисера Димчева и Наталија Трифуновиќ.

Јубилејното издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура, Францускиот институт, Виталија, Бовин, Австриската амбасада во Скопје, а програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ, МКЦ.