Македонија

Честитки за победата на Силјановска-Давкова пристигнуваат од сите страни

Република Македонија ја доби првата жена претседател. Честитки за победата на Гордана Силјановска-Давкова пристигнуваат, меѓу кои Александар Вучиќ, Виктор Орбан и Оливер Вархеји.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и честиташе на Гордана Силјановска-Давкова за победата во вториот круг од претседателските избори во Македонија.

„Им честитам на Гордана Силјановска Давкова за изборот за претседател на Македонија и и посакувам успешно да ја извршува одговорната задача што ја добива. Убеден сум дека ќе продолжиме да работиме заедно на зајакнување на врските меѓу Србија и Македонија со цел напредок и благосостојба на нашиот народ, како и просперитет на целиот регион“, напиша Вучиќ на платформата Х.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати честитки за изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори и победата на нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори, додавајќи дека се радува на идна заедничка соработка.

,,Им честитаме на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Силјановски-Давкова за заслужената и историска победа на претседателските и парламентарни избори! Со нетрпение очекувам да работиме заедно за да дадеме нов поттик на процесот на пристапување на Северна Македонија до ЕУ!“, напиша Орбан на социјалната мрежа „Х“.

Со честитка за новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова се јави и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

„Со нетрпение очекуваме да работиме со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и да ги забрза потребните реформи за да се придвижи напред во процесот на пристапните преговори со ЕУ“, напиша Оливер Вархеји.

На почеток