Македонија
Мицкоски до ДУИ и Ковачевски: Европски ли е кога Ахмети викаше УЧК во Скопје?
Додека се колнат во ЕУ, ја купуваат Соравија, додека зборат за правда делат шамари во контролата на летање во Скопје. Додека народот гладува тие си слават родендени во државни институции. Додека зборат за стандарди, на онкологија ги крадат болните од рак. И треба да знаете дека ниту една лекција не ја научија. СДСМ не се огради од криминаот на ДУИ, ниту пак има намера. А од ДУИ го употребуваат истиот наратив дека биле европска партија, во исто време кога џебовите им се полни со Европски пари, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Виница.
Претседателот упати и прашање до ДУИ, а и Ковачевски, кој продолжува да молчи, дали кога Али Ахмети викаше среде Скопје УЧК, УЧК е европски чин? Дали тоа доликува на европскиот фронт на ДУИ СДСМ праша тој.
Исто како што купувањето на Соравија што е европски чин, од страна на голобрадо момче, случајно кој е внук на Ахмети исто како што Мерко е европски градоначалник, море светски… како Артан што возеше ауди со полициски флешери на име на фирмата што зела тендер на Шапка? Е сето ова е многу европски, директно не носи во ЕУ, кажа претседателот.
Тој потенцира дека однесувањето на ДУИ и СДСМ ја подрива европската идеја во Македонија. Тие стануваат минери на европската идеја затоа што народот нив не ги идентификува со Европа и има европски функционери кои се срамат што ликови како Артан, Мерко и Талат овде зборуваат за ЕУ. Затоа што ЕУ не е олицетворение на корупција како што се Артан, Мерко и Талат.
И затоа резултатот е таков во првиот круг. Овде во Виница победивме со 4571 на 1764 гласови за СДСМ. Народот е определен, и јас искажувам длабока благодарност и почит до секој еден од вас. Но работата не е завршена. Ова беше само првиот круг, и жолтиот картон, мора да стане црвен на изборите на 8 мај. Народот да го зададе финалниот удар против корупцијата, криминалот и сиромаштијата. Повикувам на масовна излезност, затоа што излегувањето на овие избори меѓудругото е и патриотска должност и обврска кога Македонија е толку силно разградена со криминал и корупција. Да одиме напред, и да ги победиме сите сценарија кои ги разработува дуото СДСМ и ДУИ, заклучи претседателот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.