Специјалистите од Воено-медицинската академија (ВМА) на Бугарија кои учествуваа во авионската евакуација на жртвите од трагичниот инцидент во Кочани во бугарските медицински установи беа одликувани од началникот на ВМА, соопштија од медицинската установа.
На 16 март, воено-медицински лица од Центарот за воздухопловство, морска физиологија и евакуација, во состав: капетан Радослав Белчев, доктор по летање; виш поручник Михаил Цонев, доктор по летање; офицер Марија Борисова, медицинска сестра за летање; наредник Цветелина Иванова, медицинска сестра; и д-р Кремена Петрова, реаниматор на Одделението за анестезиологија и интензивно лекување на ВМА, со помош на пилотите од воздухопловната база Враждебна превезоа осуммина од повредените.
Ова е исклучително високо признание не само на Воената академија, туку и на бугарската армија во учество во меѓународни мисии.
-Благодарение на вас и професионалноста што уште еднаш ја покажавте, го консолидиравте местото на ВМА како незаменлив фактор во вакви ситуации. Честитки за мисијата, завршивте одлична работа со исклучително сложена евакуација, со пациенти во тешка состојба, рече генерал-мајор проф. д-р Венцислав Мутафчијски.
Повредените во инцидентот се пренесени на лекување во Бугарија со воено-транспортниот авион „Спартан“ и амбулантни возила од Центарот за итна медицинска помош – Софија.
Како што соопштуваат бугарските медиуми, сите 15 повредени од кочанската трагедија, кои беа сместени во бугарските болници се стабилни, обработени се по сите правила, но најотежувачка околност е вдишувањето на гасовите – таму се дел од проблемите, изјави министерот за здравство Силви Кирилов во вчерашното телевизиско интервју.