Во Волфсбург задоволно тријат раце, бидејќи за само две години направиле и продале 500.000 електрични автомобили од семејството ID

Првите електрични Volkswagen автомобили (ID.3) беа испорачани на клиентите во октомври 2020 година. Само две години подоцна, со значително проширување на палетата на модели од семејството ID, во Волфсбург одбележаa 500.000 продадени примероци на автомобили кои не се возат со мотори со внатрешно согорување, што е значително повеќе од очекуваното, бидејќи според претходните планови, VW пресметал дека ќе им требаат три години да произведат и продадат половина милион електрични автомобили.

На извонредниот продажен резултат на Volkswagen остварен на глобално ниво не му засметаа премногу ниту постојаните проблеми со снабдувањето со делови со кои се соочува автомобилската индустрија во последните години, а бројот на продадени електрични автомобили е дополнителен поттик за германската автомобилска групација да продолжи со интензивна електрификација.

Во Волфсбург велат дека побарувачката за нивните електрични модели не стивнува и дека прават се што можат за да обезбедат клиентите да ги добијат своите автомобили со разумен период на чекање. Според последните изјави, Volkswagen од 2033 година во Европа ќе произведува само електрични модели, а постоечката понуда ќе биде проширена до 2026 година со десет нови ID. модели, меѓу кои ќе бидат и редизајнирани изданија на постоечките модели ID.3, ID.4 и ID.5.

Со веста дека неодамна претставеното електрично комбе ID.Buzz веќе го нарачале речиси 13.000 клиенти, целта на Volkswagen е да биде водечка автомобилска компанија која нуди најголем број различни електрични модели, од кои најдостапниот не би требало да биде поскап од 25.000 евра.