Грчки медиуми: Договорот од Преспа се врати на масата на Мицотакис

Владата во Атина се одлучи да чека со какви ставови ќе излезе новиот кабинет во Скопје. Мицотакис го напаѓаше Договорот од Преспа, а сега треба да го брани


 

Договорот од Преспа повторно ја „прогонува“ Нова демократија, која како официјална опозиција го осуди, a како влада премолчено го прифати и сега можеби ќе биде повикана да го брани, анализира влијателниот грчки медиум „Њуз 24/7“.

Во текстот се наведува дека „победата на националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ на изборите во средата во Северна Македонија може да значи одбивање да се спроведе Договорот од Преспа во сите негови аспекти од страна на Скопје“, особено поради тоа што предизборниот слоган на ВМРО-ДПМНЕ беше „Македонија повторно твоја“.

„Се разбира, едно е тоа што го кажувате како опозиција, а друго што правите како влада, како што добро знае Нова демократија. Освен тоа, како влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го оспори Договорот од Преспа, без да го доведе во прашање членството на соседната земја во НАТО и нејзината европска перспектива?“, наведува медиумот.

Во текстот понатаму се наведува:

„Од ВМРО-ДПМНЕ доаѓа и новата претседателка на соседната земја, Гордана Силијановска, која ќе положи заклетва на 12 мај и која, сепак, веќе пред претседателските избори дека ќе ја почитува ознаката ‘Северна’ во името на државата, иако таа самата нема да го користи.

Затоа, постои можност новата влада во Скопје, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, да го остави настрана прашањето за Преспа, барем суштински“.

„Њуз 24/7“ пишува дека „промената на политичката сцена во Скопје ја засрамува и владата на Нова демократија во Атина, бидејќи не може да се исклучи дека новата влада на Северна Македонија ќе почне да ‘гребе’ во однос на спроведувањето на аспектите од договорот од Преспа. А владата на Нова демократија во меѓувреме никогаш не ги донесе во парламентот меморандумите за соработка со Северна Македонија како дел од договорот, поради стравот од Андонис Самарас“.

Според анализата, секое преиспитување – дури и делумно – на Преспа од страна на новата влада на Северна Македонија, дури би ѝ дало причина на „патриотската Нова демократија“ да праша зошто договорот не треба целосно да се откаже. Тоа беше она што Самарас го бараше во 2018 година кога тогашната влада на Алексис Ципрас го донесе Договорот од Преспа во парламентот.

Но, факт е дека премиерот Киријакос Мицотакис, иако не ја сакаше Преспа, од самиот почеток изјавуваше дека бидејќи договорот го изгласа грчкиот парламент, тоа ќе биде обврска на земјата и на секоја влада во иднина. На овој аргумент се повика Нова демократија кога дојде на власт во 2019 година, а на тоа вчера на брифингот се повика и владиниот претставник Павлос Маринакис.

„Се подразбира дека не можеме да коментираме или да се мешаме во изборниот процес на друга држава. Пресудата на граѓаните се почитува. Очекуваме да ги видиме декларациите на новата влада штом ќе положи заклетва“, рече Маринакис.

На инсистирањето на новинарите што ќе направи грчката страна доколку новата влада на Македонија го доведе во прашање Договорот од Преспа, Маринакис посочи дека Атина очекува исполнување на преземените обврски.

„Нова демократија како опозиција имаше конзистентен, јасен и апсолутно правилно формулиран став. Изразивме резерви и приговори, користејќи ги сите институционални парламентарни алатки како опозиција. Меѓутоа, како што истакна Киријакос Мицотакис, бидејќи овој договор е одлука на грчкиот парламент, тоа е и обврска која врз основа на континуитетот на државата ќе ги следи и следните влади“, рече Маринакис и додаде: „Тоа е меѓународен договор што е ратификуван. Тоа преовладува над секоја друга одредба и очекуваме тоа да се почитува и од другата страна“.

Но, владиниот претставник се воздржа да одговори на прашањето дали е грешка што владата не ги ратификувала меморандумите за соработка со Северна Македонија во спроведувањето на договорот од Преспа, поради реакцијата на Андонис Самарас.

„Тајмингот на сите останати нема никаква врска со поплаките. Но, да не зборуваме хипотетички. Да почекаме да видиме што ќе каже новата влада, па и ние ќе се позиционираме“, рече Маринакис.

Дипломатски извори посочуваат дека би било дипломатски опасно Грција да прифати оспорување на договор во време кога, наспроти Турција, Атина се повикува токму на Договорот од Лозана и меѓународното право.

Ако, пак, повторно се отвори прашањето со Преспа, тоа ќе биде трет национален фронт со кој владата ќе мора да се соочи ниту еден месец пред европските избори, бидејќи в недела албанскиот претседател Еди Рама доаѓа во Атина на предизборен митинг, а в понеделник Мицотакис е во посета на Турција, каде што ќе има средба со Реџеп Таип Ердоган, во услови на нови турски предизвици, најновиот со пренамена на манастирот Хора во џамија, пишува „Њуз 24/7“.

Грчката опозициска партија Сириза побара од владата да реагира во случај на прекршување на Договорот од Преспа, со користење на средства како замрзнување на европската перспектива. Во исто време, Сириза ја критикува владата дека во изминатите пет години не сторила ништо за да го заштити Договорот и да ја унапреди соработката со Македонија.

Од Сириза велат дека Грција сега е соочена со „негативните последици од надворешната политика на Мицотакис, кој избра катастрофална неактивност во однос на спроведувањето на Договорот од Преспа“.

„Владата мора да го напушти овој пасивен став и веднаш, врз основа на одредбите од Договорот и со мобилизирање на сите достапни дипломатски средства на меѓународно и европско ниво, со строгост, да се соочи со секоја употреба на термини или постапки од новата претседателка и членовите на новата влада на Северна Македонија кои го прекршуваат Договорот од Преспа – особено уставното име. Потсетуваме дека овие средства вклучуваат и замрзнување на интегративната перспектива на соседната земја, како и активирање од САД на законот усвоен во јуни 2021 година, што предвидува санкции во случај на оспорување /прекршување на Договорот од Преспа“, пишува во соопштението од Сириза.

Во исто време опозициската партија бара парламентот да ги ратификува трите меморандуми и да се одржи Високиот совет за соработка. (Н.В.)