Ново засилување за контрола на територијата: Албанија ќе користи и беспилотни летала во борбата против одгледувачите на канабис

83

Министерот за внатрешни работи на Албанија, Таулант Бала, најави дека од денеска ќе се користат беспилотните летала „бајрактар“ за контрола на албанската територија и за откривање на одгледувањето марихуана.

Како што истакна Бала, распоредувањето на беспилотните летала „бајрактар“ ќе го надополни воздушниот надзор на авионите на италијанската финансиска полиција (Гардија ди Финанца).

Албанскиот министер за внатрешни работи најави дека 2024 година треба да биде година кога „на феноменот на одгледување и трговија со канабис ќе му биде зададен истребувачки удар“.

– Сакам да потврдам дека, покрај воздушниот надзор преку протоколот за соработка што го имаме со Финансиската гарда оваа година, од следната недела ќе почнеме да користиме и беспилотни летала „бајрактар“, кои ќе вршат систематски надзор на целата територија на Албанија во борбата против одгледувањето и трговијата со канабис – рече Бала.

Тој додаде, како што јави агенцијата МИА, дека со беспилотните летала ќе се следат сите други форми на криминал, вклучително и еколошката, дивоградбата, како и во рамките на мерките поврзани со туристичката сезона.

Според министерот за внатрешни работи на Албанија, минатата година биле запленети четири тони канабис и уништени се 293.000 стебла од наркотичната билка.

Три турски беспилотни летала „бајрактар“ беа испорачани во Албанија на почетокот од март годинава.