Државата му должи 90 милиони евра на стопанството од поврат на ДДВ

Една десетина од овој долг е постар од една година, додека само 4 отсто од износот на ДДВ, исплатен во првиот квартал, е вратен во законскиот рок кој мора да го почитуваат УЈП и Министерството за финансии, како што и даночните обврзници мора да ги почитуваат законските рокови за нивните обврски. Околу една половина од износот на ДДВ, исплатен во првиот квартал, е по стари барања за кои рокот за враќање бил во 2023 и претходни години, тврди дополнителната заменик-министерка за финансии Елена Петрова

30

Државата му должи на стопанството 90 милиони евра поврат на ДДВ заедно со каматите. Вкупно 74 милиони евра е долг за невратен ДДВ, на крајот на првиот квартал, а 16 милиони евра е долг за камата за доцнење на исплатата, информира дополнителната заменик-министерка за финансии Елена Петрова.

Во објавата на социјалните мрежи, таа соопшти дека една десетина од овој долг е постар од една година, додека само 4 отсто од износот на ДДВ, исплатен во првиот квартал, е вратен во законскиот рок кој мора да биде почитуван од УЈП и од Министерството за финансии, како што и даночните обврзници мора да ги почитуваат законските рокови за нивните обврски. Околу една половина од износот на ДДВ, исплатен во првиот квартал, е по стари барања за кои рокот за враќање бил во 2023 и претходни години.

-По истекот на кварталот, има невратен ДДВ по старите барања од претходни години. Не само што немаат капацитет за навремен сервис на стопанството со повратот на ДДВ, туку и не го заштитија Буџетот од поврат со фиктивни фактури, не ги детектираа и не ги спречија ваквите даночни измами – вели Петрова.

Во првиот квартал од годината, додава Петрова, е исплатен поврат на ДДВ од 176 милиони евра.

Петрова во објавата тврди дека власта повратот на ДДВ го користи како алатка со која влијае, колкав ДДВ нето-приход и колкав буџетски дефицит ќе искаже во фискалните извештаи.

-Помалку исплатен ДДВ поврат на штета на стопанството во еден месец, значи дека ќе прикажат повисок буџетски нето-приход и понизок буџетски дефицит во тој месец. Во услови кога должат на стопанството 90 милиони евра ДДВ поврат за исплата со камата, а од почетокот до сега, во април вратија помал износ, споредбено со ланскиот април. Будно ќе следиме и ќе информираме дали месецов ќе „забават” со повратот на ДДВ на штета на стопанството, со цел до крај на месецов да ја „нашминкаат” сликата за енормниот буџетски дефицит потрошен во првиот квартал, пишува Петрова.