1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

ЦДУ/ЦСУ: До политичката цел со помош на АфД

30 јануари 2025

Бундестагот го прифати планот на кандидатот на Унијата за канцелар Фридрих Мерц за заострување на миграциската политика. И со помош на АфД. Канцеларот Шолц го обвинува Мерц за кршење на консензусот на демократските сили.

https://p.dw.com/p/4po8U
Фридрих Мерц во Бундестагот
Кандидатот на Унијата за канцелар Фридрих Мерц во БундестаготФотографија: Annegret Hilse/REUTERS

Во вжештена атмосфера, Бундестагот во средата расправаше кој е вистинскиот пат во политиката за азил и миграција. Дебатата ја поттикна конзервативниот лидер на опозицијата и  шеф на ЦДУ,   Фридрих Мерц, кој има добри изгледи да стане нов канцелар по изборите за Бундестагот на 23. февруари. Неговата пратеничка група составена од ЦДУ и сестринската партија од Баварија, ЦСУ, достави два предлози до Бундестагот со кои се бара значително  заострување на политиката за доселување.  Еден од предлозите беше усвоен со гласовите на во делови десно екстремната АфД - за прв пат во историјата на  германскиот парламент.

Шолц: „Правото за азил е лекција од историјата“

На почетокот видно напнатиот канцелар  Олаф Шолц (СПД) во владината изјава рече дека Унијата од ЦДУ/ЦСУ со предлозите со секира удира на темелите на законот за азил. „Правото на азил е и непосреден одговор на ужасите од нацистичкиот режим. Тогаш Германци и европски Евреи беа враќани на странските граници. Поуката од историјата е дека тоа не смее повторно да се случи, тоа  Германија  не смее повторно да го дозволи“, рече тој. Противправни се за Шолц плановите на Мерц. Лидерот на ЦДУ „во афект“ го укинал консензусот да не се соработува со десничарските екстремисти.

Мерц: „Го правиме она што мислиме дека е исправно“

Кандидатот на ЦДУ за канцелар во последните денови јасно стави до знаење дека ќе ги прифати и гласовите и од во делови десно екстремната  Алтернатива за Германија (АфД) за предлозите да добијат мнозинство. Меѓу другото, тој за втората германска телевизија ЗДФ рече дека „ние во пратеничката група на Унијата го правиме она што сметаме дека е правилно за прашањето. А, ако се согласува АфД, тогаш нека се согласува. Ако не се согласува, тогаш нека остави“.

Олаф Шолц  Фридрих Мерц
Жешка дебата во Бундестагот: канцеларот Олаф Шолц (во средината) речиси непријателски го набљудуваше лидерот на опозицијата Фридрих Мерц (ЦДУ) во средата во БундестаготФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Убиството од Ашафенбург

Жестоката дебата неодамна беше уште повеќе заострена по нападот во баварскиот град Ашафенбург минатата недела, во кој две лица, меѓу кои и двегодишно дете, беаубиени во напад со нож. Осомничениот сторител беше уапсен и по потекло е од Авганистан. И овој страшен чин е една од причините зошто во предизборната кампања моментално е најважно прашањето за миграцијата и азилот. Бундестагот со едноминутно молчење на почетокот на дебатата им оддаде почит на жртвите.

Мерц: „Потребни ни се конечно ефективни одлуки“

Но, заострување благодарение на гласовите од АфД? До неодамна и Конзервативците на ЦДУ и ЦСУ постојано уверуваа дека на никаков начин нема да соработуваат со десно екстремните. Унијата де факто додаде пасус во предлозите во кој остро се критикува политиката на АфД. Мерц во Бундестагот рече дека по нападите во Ашафенбург и оној пред Божиќ во Магдебург, политичарите мора конечно да дејствуваат. „Ако сочувството по такви напади не треба да стане политички ритуал, тогаш најдоцна по Магдебург и Ашафенбург конечно мора да се преземат ефективни мерки против приливот на илегални бегалци во Германија и против нелегалниот престој на бегалците во земјата“, рече Мерц.

Тага и шок во Ашафенбург по убиството минатата недела
Тага и шок во Ашафенбург по убиството минатата неделаФотографија: Jacob Schröter/dpa/picture alliance

Црквите: „Да не се клеветат паушално мигрантите“

Жестоки критики за курсот на Мерц имаше и од надвор од парламентот, од претставници на црквата. Обраќајќи им се директно на пратеничките групи во Бундестагот, претставници на Протестантската и на Католичката црква во Берлин изјавија дека „тајмингот и тонот на актуелната дебата за нас се зачудувачки“. Понатаму се доддава дека дебатата може „да ги оцрни сите мигранти кои живеат во Германија и да поттикне предрасуди“.

Влада без мнозинство

Експлозивното во двата предлози на Унијата е дека по пропаста на трипартиската коалиција од СПД,   Зелените  и Либералите во ноември минатата година, малцинската влада на канцеларот Шолц веќе нема мнозинство во парламентот. Но, ЦДУ/ЦСУ заедно со АфД, Либералите и „Алијансата Сара Вангенкнехт“ (БСВ) имаат.  Мерц по гласањето рече дека жали за гласањето од АфД. Вториот предлог поднесен од неговата пратеничка група ЦДУ/ЦСУ беше одбиен.

Постојани гранични контроли и враќања

Во првиот предлог, меѓу другото, се бара-  постојана гранична контрола кон сите соседни земји  и забрана на влез за сите луѓе без валидни документи за влез во земјата, дури и ако бараат заштита. За оние кои имаат обврска да ја напуштат земјата се бара затвор и секојдневни депортациии. Во вториот предлог Унијата бараше „промена на политиката за внатрешната безбедност“. Двата предлози сепак не конституираат никаква обврска за сојузната влада да постапува така.

Во петок во Бундестагот: повторно темата за азилот

Тоа не важи и за заострувањето на законот, за што ЦДУ и ЦСУ иницираат гласање во Бундестагот во петок. Таквиот план меѓу другото предвидува ограничување на доселувањето и ставање крај на обединувањето на семејството за луѓе кои живеат во Германија и на кои не им е одобрен азил, но од други причини засега им е дозволено да престојуваат во Германија.

АфД, Либералите и овој пат и БСВ најавија дека сакаат да гласаат „за“. Но, овој закон би требало да добие и конечно одобрување од Бундесратот, советот на 16-те сојузни покраини. Повеќе од неизвесно е дали тоа ќе се случи. Тоа прашање во Бундесратот во секој случај ќе се разгледува дури по изборите на 23. февруари годинава.