Од бетон до природа: Димче Ацков како инспирација

Погледнете го видеото „Димче Ацков, човекот кој оставил се за да живее во природа!“ Разговорот е навистина инспиративен!

Како портал кој следи нешта поврзани со екологијата сме го гледале Димче Ацков од време на време на Фејсбук со неговите работилници за правење куќи од кал и искрено сме помислиле – кој би сакал да прави куќа од кал!?

Но, тука згрешивме. Нашата прва реакција била како и на секој друг технолошки зависник, модерен жител на планетата Земја кој денот го поминува затворен во бетонска градба, опкружен со асфалт и загледан во екран на кој скрола содржини.

Нашата грешка е токму во согласност со она на што Димче Ацков сака да не подучи и научи – да застанаме, да погледнеме и да се запрашаме што навистина има околу нас.

Димче живее во природата, но не без технологија. Тој има интернет и акаунти на социјални медиуми. Сепак, живее без сметки зашто струјата ја добива од соларни панели. Но, тој технологијата ја користи да ја пренесе својата порака за сакање на природата и земјата, за искористување на користени нешта, наместо постојано купување и барање на среќа во тоа.

Тука се разбираме ептен! Како создавачи на групата „Дај, не фрлај“, авторите на овој портал се обидоа да развијат еден ефикасен систем во кој луѓето подаруваат работи едни на други, наместо по малку користење да ги фрлаат и да бараат нови. Нашата група е антиконсумеристичка.

Но, Димче не сака етикети. Не се нарекува веган, иако не јаде месо, вели дека „му е забрането.“ Тој ја слуша дедовината, како што ја нарекува, и на неа се чувствува навистина исполнет, среќен и задоволен од себеси, нешто што не го чувствувал додека живеел и работел во градот.

Во неговата куќа од кал има спална соба, купатило со земјена када, камин, полици за книги, прозорци и врати од рециклирани материјали, па дури и прави поткровје. И не само тоа – куќата не го чинела ниту еден денар!

Тој вели дека земјата е најдобар изолатор и затоа никогаш не му е жешко, ниту ладно во неговиот дом. Бетонот ич не го сака (како и Рамбо Амадеус) и за тоа има што да каже.

Ми викаат што одиш да живееш во пустелија. Тука на еден квадрат земја има толку многу живот. Бубачки, се и сешто, пеперутки. А, на пример, во градовите испаѓаш – и цементирано – нема никаков живот, нема ништо. Таму е пустелијата, според мене.

Во неговиот дом, како што вели, не му е дозволено пцуење, пиење, јадење месо и консумирање дроги. Вели дека најголемиот „хај“ е да се живее чисто и природно.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *