Сафади: Со бомбардирањето на Рафах, Нетанјаху го загрозува примирјето

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека го загрозил постигнувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас со бомбардирањето на градот Рафах на југот на Појасот Газа. „Направени се огромни напори за да се постигне договор со кој ќе се ослободат заложниците и ќе се постигне прекин на огнот. Хамас го претстави предлогот.

„Ако Нетанјаху навистина сакаше договор, сериозно ќе преговараше за тоа. Наместо тоа, тој се заканува на договорот со бомбардирање на Рафах“, рече Сафади на социјалната мрежа Икс, а пренесе Ројтерс. Вчера Хамас објави дека го прифатил предлогот за прекин на огнот во Газа предложен од Египет и Катар.

Таа палестинска милитантна група во соопштение наведе дека нејзиниот шеф, Исмаил Ханије ги известил премиерот на Катар, Мухамед Бин Абдулрахман Бин Џасим Ал Тани и шефот на египетската разузнавачка служба Абас Камел дека го прифаќа нивниот предлог.

Набргу по објавувањето на Хамас, „Тајмс оф Израел“ објави изјави од неименувани израелски претставници, кои рекоа дека најавата на Хамас не се зема предвид, бидејќи предлогот со кој се согласи Хамас не ги вклучува условите со кои се согласи Израел.

Израелскиот воен кабинет синоќа едногласно одлучи да ја спроведе планираната операција во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, со цел „да се изврши воен притисок врз Хамас“, соопштија од кабинетот на премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху и покрај тоа што Хамас претходно објави дека се согласува со египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот, пренесува Танјуг.

Текстот Сафади: Со бомбардирањето на Рафах, Нетанјаху го загрозува примирјето е превземен од МАКФАКС.