Посредниците напредуваат кон договор за прекин на огнот во Газа, пишува израелскиот печат

Посредниците-напредуваат-кон-договор-за-прекин-на-огнот-во-Газа.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Посредниците постигнуваат напредок во напорите за постигнување договор за еднонеделен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и ослободување на десетици заложници кои се држат во Газа и палестински затвореници од израелските затвори, јавија денеска израелските медиуми.

Воениот кабинет на Израел доцна синоќа се состана за да разговара за предлогот, но официјално не е соопштено што е одлучено.

Неколку израелски медиуми, повикувајќи се на неименувани функционери, јавија дека договорот е премолчено одобрен, и оти Израел ќе испрати делегација во Катар за продолжување на разговорите.

Хамас соопшти дека сè уште не е вклучен во последниот предлог на САД, Египет и Катар, но рамката на договорот за кој се известува во голема мера се совпаѓа со претходните барања на палестинската исламистичка група за првата фаза од примирјето. Лидерот на политичкото крило на Хамас, Исмаил Ханије, беше во Каиро минатата недела.

Израел во меѓувреме планира да ја прошири својата офанзива кон најјужниот град Рафа, на границата меѓу Египет и Газа, каде што повеќе од половина од 2,3 милиони жители на Газа побегнаа од конфликтот и живеат во шатори, преполни станови и засолништа.

Организациите за помош предупредија на катастрофа, а САД и другите сојузници на Израел рекоа дека мора да се избегне нанесување штета на цивилите.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека оваа недела ќе свика седница на владата на која „ќе го одобри оперативниот план за акција во Рафа“, вклучително и евакуација на цивили.

Висок функционер од Египет, кој посредува со Катар меѓу Израел и Хамас, вчера изјави дека нацрт-договорот за прекин на огнот вклучува ослободување на 40 жени и постари мажи заложници во замена за околу 300 палестински затвореници, главно жени, малолетници и постари лица.

Анонимен египетски функционер рече дека предложената шестнеделна пауза во конфликтот ќе им овозможи на стотици камиони секој ден да носат помош која е очајно потребна во Газа, вклучувајќи го и северниот дел на опколената територија.

Тој рече дека двете страни се согласиле да ги продолжат преговорите за време на паузата за понатамошно ослободување и траен прекин на огнот.

Кабинетот на израелскиот премиер не одговори на барањето да ги коментира дискусиите одржани во Воениот кабинет, ниту пак на извештаите на израелските медиуми.

Посредниците се соочуваат со неофицијален рок на почетокот на светиот муслимански месец Рамазан кој почнува на 11 март, кога тензиите меѓу Израел и Палестинците често се интензивираат.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK