Тренчевска: Со квалитетен закон за родова еднаквост ќе ги елиминираме стереотипите во општеството

Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Дијалогот за предлог законот за родова еднаквост продолжува се додека не се добие конечно, усогласено и квалитетно решение, поткрепено со заштитни механизми, без правни празнини, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Тренчевска на ТВ Сител изјави дека законот е во работна верзија и во фаза на консултација со сите заинтересирани. Досега се одржале осум јавни дебати со кои биле опфатени сите региони во државата, а присуствувале голем број заинтересирани страни, координаторите и комисиите за еднакви можности на жените и мажите на локално ниво, претставници на локални здруженија на граѓани како и жени пратенички.

-Дијалогот продолжува се до оној момент кога ќе добиеме конечно, усогласено и квалитетно законско решение, кое нема да остава простор за дилеми околу толкувањето, поткрепено со заштитни механизми, без правни празнини. Остваривме средба и со отец Јаков од Струмичката епархија и разговаравме за предлог законот и верувам дека дилемите се расчистени, рече Тренчевска.

Според неа, целта на законот е да се обезбеди остварување на потполна родова еднаквост преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење .

-Тенденцијата на овој закон е да се надминат пречките и недостатоците во ефикасното обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотипите во општеството. Треба да градиме општество во кое нема да се поставува прашањето: Дали жените треба да бидат во процесот на одлучување и прашањето за жена премиер, рече Тренчевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот