Кинескиот претседател допатува во втората посета на Србија во последните осум години

Шефот на кинеската држава Кси Џинпинг во вторникот вечерта ја започна дводневната посета на Србија, втора во последните осум години, а на аеродромот во Белград беше пречекан од целиот српски државен врв предводен од претседателот Александар Вучиќ.

Кси Џинпинг пристигна симболично на денот кога кинеската амбасада во Белград беше бомбардирана од воздушните напади на НАТО во 1999 година, при што загинаа тројца кинески новинари, а беа повредени 20 лица.

Авионот на шефот на кинеската држава долета придружуван од ловците „МиГ“ на Војската на Србија, а на аеродромот го пречека почесниот гардиски вод на вооружените сили, со кратка фолклорна програма и пораки за добредојде на кинески јазик.

Во чест на посетата на кинескиот претседател, белградската кула во комплексот „Белград на вода“ соноќа беше осветлена во боите на националните знамиња на Кина и Србија.

Кси, кој е на петдневна европска турнеја, пристигна од Франција, а западните медиуми неговата посета на Србија а потоа и на Унгарија, ја гледаат како продолжение на проширувањето на кинеското влијание во Европа.

Кина е ангажирана во бројни инфраструктурни проекти во Србија: изградба на железници и автопати, националниот стадион, реконструкција на термоцентрали. Кинески компании поседуваат и важни ресурси: железарницата во Смедерево и рудниците за бакар и злато во Бор, а во Белград и низ Србија се отворени бројни стоковни куќи и продавници со кинеска стока.

Србија својата економска шанса и пробив на кинескиот пазар ги гледа во Договорот за слободна трговија, кој ќе стапи на сила во јули годинава.

Договорот, потпишан ланскиот 17 октомври во Пекинг, опфаќа 10.412 производи од Србија и 8.930 од Кина, кој во Белград беше оценет како „настан од историско значење за Србија“, и „не само од аспект на економијата, туку и од надворешнополитичката позиција“.

Во пресрет на посетата на шефот на кинеската држава, Вучиќ истакна дека Србија е горда на своето „челично пријателство со Кина“.

Како што беше претходно најавено, Кси на турнејата го придружуваат дури 400 политички функционери и бизнисмени.

Во среда пртпладне пред Палатата Србија ќе следи свечен официјален прием со највисоки почести, а за време на средбата на делегациите на двете земји се очекува да бидат потпишани триесетина билатерални договори.