ТЕРА

REKLAMA???

„МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ“ ИЗВЕДЕНА ВО ЈАПОНИЈА ОД КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР „ТОКИО ВРАНЕЦ“

Композицијата „Македонско девојче“ беше дел од големиот концерт во Токио по повод 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и Јапонија. Композицијата изведена од страна на „Токио Вранец“ Камерниот оркестар, основан од оперскиот првенец, пријателот на македонската песна, Казухиро Котецу,  не остави никого рамнодушен во салата.

Котецу е директор на операта во Токио, а воедно на концертот беше и диригент. Минатата година беше назначен од Wines of Macedonia за  Вранец Амбасадор.

„Го формирав оркестарот со цел за уште поголема промоција на јапонската и македонската култура.Талентираните изведувачи ги учев да пеат на македонски и тие со радост ја прифатија задачата. Се надевам не само во Јапонија, туку и надвор од државата ќе ја изведуваат „Македонско девојче“ на сцените низ светот. А во иднина посакувам и што повеќе Јапонци да ја знаат оваа песна“, ни изјави Котецу.

Покрај концертот, во лобито беше организирана промоција на продажба на македонски вина. На настанот присуствуваше и Вршителот на должност при Македонската амбасада во Токио, Александар Поповски, како и поранешниот јапонски Амбасадор во Македонија, Хиронори Савада.

На концертот беа изведени и класични музички дела, како и  обработки на традиционални македонски песни, настан кој на уникатен начин ја одбележа долгогодишната соработка помеѓу двете земји. Казухиро Котецу настапи на минатогодишниот концерт во Битола во рамките на Интерфест, во придружба на Камерниот оркестар од нашиот град. Настапот во Центарот за култура, кој сеуште се прераскажува, беше вистински музички спектакал. Салата беше исполнета до последно место, атмосферата преполна со емоции.

За тој настан ни рече:

„Како што знаете минатата година настапив во Битола, оваа година се надевам да го посетам Скопје и да се сретнам со сите мои македонски пријатели и таму“.

По повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Јапонија и Македонија, беше направено лого, идејно решение на Милош Ристоски. Истото го претставува сјајот на сонцето кое го осветлува патот на пријателството и заедничките аспирации на двете нации да испратат пораки на среќа, обединетост и посветеност кон позитивна заедничка иднина.