Фото: Маја Јаневска Илиева

Претседателските кандидати деновиве во „Нова Македонија“ ќе одговараат на Прустовиот прашалник

Прустовиот прашалник е познат формулар со прашања, прославен од францускиот писател Марсел Пруст. Преку овој прашалник се разоткриваат карактерот, вредносниот систем, желбите, вистинската природа и светогледот на тој што го пополнува. Потекнува од една дамнешна англиска игра на прашања и одговори, подоцна (преку игра на случајноста) популаризирана од Марсел Пруст, француски писател, есеист, романсиер. Постарите ги потсетува на младоста, кога сите имаа тефтери, тетратки, дневници (еден вид лексикони), во кои се пишуваа прашања што им се даваа на блиските да ги одговорат. Така некако најприближно би се објаснила суштината на Прустовиот прашалник.
Како настанал Прустовиот прашалник?
Почнало како разонода во високите кругови во Франција, во кои кружеле „лексикони“ со навидум банални прашања. Прашалникот е именуван по големиот книжевен ум Марсел Пруст, кој некаде при крајот на 19 век (на четиринаесетгодишна возраст), многу пред да го добие статусот на книжевна легенда, одговорил на еден таков прашалник што му го дала неговата другарка Антоанет. Тој прашалник бил дел од нејзиниот „албум за исповеди“, кој бил создаден за преку едноставни и кратки прашања да ги открие вкусовите, желбите и амбициите на оној што одговара на прашањата. Па, така некако, случајно или не, во 1886 година Антоанет Форе, ќерката на идниот француски претседател Феликс Форе, го замолила својот пријател од детството Марсел Пруст да го пополни прашалникот во книгата насловена „Исповеди: албум за забележување мисли, чувства и друго“. Нешто слично како и нашите лексикони, ова било модерна игра, која потекнувала од викторијанските високи класи. Со текот на времето да се одговори на Прустовиот прашалник значело интерес и признание за која било личност од културата, уметноста, спортот или политиката.
Денес е чест од некого да се побара да одговара на истите oние прашања на кои некогаш одговарал Марсел Пруст. Оригиналниот ракопис на Пруст, насловен „Од Марсел Пруст, лично“, не бил откриен до 1924 година, две години по неговата смрт. Поминало многу време кога францускиот водител Бернард Пивот во овој прашалник видел одлична инспирација за прашања за неговите гости и во текот на 70-тите и 80-тите години од 20 век им ги поставувал овие прашања на своите гости.
За денешната актуелност и атрактивност на Прустовиот прашалник е „виновно“ списанието „Венити фер“, кое во 1993 г. ја обновило таа традиција и редакцијата започнала да ги објавува одговорите на различни славни и јавни личности токму на Прустовиот прашалник. Сепак, најзначајна е 2009 г., кога е издаден „Прустовиот прашалник на ’Венити фер’: 101 просветител размислуваат за љубовта, смртта и смислата на животот“ – симпатична збирка што ги вклучува одговорите на неколку популарни феномени, како: Џејн Гудал, Ален Гинсберг, Гор Видал, Џулија Чајлд и Џоан Дидион. Меѓу другите, таму се вклучени и одговорите на легендарниот Дејвид Боуви, објавени во списанието во август 1998 година.
Прустовиот прашалник го применивме како еден вид необично и несекојдневно конципирано и структурирано интервју со кандидатите за претседател на Република Македонија, во кое одговорите се кратки, најчесто со збор-два или реченица-две, меѓутоа очигледно будат интерес со својата духовитост, сугестивност, необичност, неочекуваност, изненадување итн., при што се откриваат нови и непознати станици од личноста што одговара на прашалникот. Во еден таков контекст, редакцијата на „Нова Македонија“ и авторот се длабоко уверени дека граѓаните на Македонија ќе добијат една поцелосна слика за кандидатите за претседател, при што ќе го пополнат мозаикот за да го дадат гласот за кандидатот што според нивната перцепција е најблиску до идеален претседател на државата.

Сотир Костов