Тревата те моли, искоси ја, Џафери го боли!

114
Фото: Ѕвонко Плавевски

Техничкиот премиер Талат Џафери, откако на денешната прес-конференција доби новинарско прашање зошто тревата во кругот на владината зграда не е искосена, објасни дека според процедурите и прописите земјиштето е во надлежност на Град Скопје и тоа е негова обврска, па побара од скопската градоначалничка Данела Арсовска што поскоро да нареди косење. – Жалам што изгледа така, но на изборите, соодветен одговор доби градоначалничката на Град Скопје во однос на изборниот резултат. Граѓаните гледаат и оценуваат и си го дадоа својот одговор, рече Џафери.

Од Град Скопје експресно со реакција до Џафери „ако досега не знаел дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно“.

Техничкиот премиер Талат Џафери, денеска, на прес-конференциј,а по повод 100 дена Влада, ја обвини скопската градоначалничка Данела Арсовска за обраснатата трева во кругот на владината зграда, откако доби новинарско прашање зошто таа не е искосена. Тој објасни дека според процедурите и прописите, земјиштето е во надлежност на Град Скопје и тоа е негова обврска, па побара од скопската градоначалничка што поскоро да нареди косење на обраснатата трева во кругот на владината зграда.

– Владата нема предвидено средства, ниту може да предвиди средства за работи  што се во надлежност на друга институција. Жалам што изгледа така, но на изборите, соодветен одговор доби градоначалничката на Град Скопје во однос на изборниот резултат. Граѓаните гледаат и оценуваат и си го дадоа својот одговор – одговори Џафери.

Од Град Скопје веднаш се огласија со писмена реакција наведувајќи дека на прес-конференцијата во Влада, Талат Џафери, нарекувајќи го ВД премиер „избегнувал одговорност и манипулирал со некакви процедури само за него познати“ и како што велат „лажел дека сопственост и надлежност на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ било да се грижи за зеленилото во Влада“.

– Талат Џафери ако досега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Од ВД премиерот од Форино, што кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори и прави хаос низ градот, не е ни очекувано дека би требало да знае што е негова обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува – соопштија од Град Скопје. 

Оттаму додаваат дека ЈП „Паркови и зеленило” ги одржува градските булевари и паркови површини кои се надлежност на претпријатието во согласност со Закон.

– Ако сака ВД премиерот Талат од Форино да ги ангажира да работат во Влада за истото треба да си склучи Договор, исто како и секоја друга институција во Македонија – потенцираат од Град Скопје. 

На Фејсбук оставка од Арсовска побара градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, порачувајќи дека време е Скопје да се врати на скопјани.

– По ваквиот изборен резултат јасно е дека Данела Арсовска го загуби кредибилитетот да продолжи да го води градот. Скопје му припаѓа на скопјани, а не, на Данела Арсовска. Скопјани и порачаа на Арсовска дека е време да си замине. Затоа, ја повикувам Данела Арсовска да поднесе оставка од функцијата градоначалник на градот Скопје, бидејќи тоа е волјата на скопјани. Време е Скопје да се врати на скопјани – напиша Стефковски.

Тој додава дека кредибилитетот и легитимитетот на секој вршител на јавна функција која се избира на непосредни избори извира и им припаѓа директно на граѓаните, без разлика дали се работи за претседател на држава, пратеник, градоначалник или советник.

(A.П.)