Уште едно апсење на висок функционер во Црна Гора

Во средата црногорската специјална полиција ја уапси директорката на црногорската Агенција за спречување на корупцијата, Јелена Перовиќ која се товари за злоупотреба на службената положба.

Претходно, припадници на Специјалниот полициски оддел по наредба на Специјалното државно обвинителство ја блокираа зградата во Подгорица во која е сместена црногорската Агенција за спречување на корупцијата, ја пребараа и од неа ја одзедоа документацијата.

„По претресот на канцеларијата и на службеното возило, по наредба на Специјалното државно обвинителство, службениците на Специјалното полициско одделение ја лишиле од слобода директорката на Агенцијата за спречување корупција на Ј.П., по основ на без сомнение дека таа во текот на изминатата година и до април годинава сторила продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба“, соопштија од црногорското Специјалното државно обвинителство.

Како што беше објаснето, Перовиќ е донесена на распит, а „полицијата врши претрес на нејзиниот стан и други простории, за да пронајде други траги и предмети од кривичното дело“.

Ова е трето апсење на поранешни и сегашни функционери на црногорската полиција и правосудство во последните неколку дена.

Поранешниот главен специјален обвинител Миливое Катниќ и поранешниот висок полициски функционер Зоран Лазовиќ беа уапсени во неделата, обвинети за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и осудени на 30 дена притвор.

Сите тие беа на функција за време на владеењето на Демократската партија на социјалистот (ДПС) на Мило Ѓукановиќ, а сите беа обвинети од тогашната опозиција дека со децении го штителе Ѓукановиќ и неговото семејство и ги прикривале нивните злоупотреби.

Директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата Јелена Перовиќ беше обвинета од невладиното здружение МАНС и неговиот шеф Вања Чаловиќ дека „замижува пред големите случаи на корупција“ од функционери на Демократската партија на социјалистите и дека не проверува како Мило Ѓукановиќ, најдолговечниот европски државниник, се стекнал со вреден имот и колекција рачни часовници која наводно вреди над милион евра.

Неодамна во црногорските медиуми се појавија и наодите на државната буџетска инспекција во кои беше предупредено дека Перовиќ во текот на 2023 година си напишала прекувремена работа и варијабили, за што добила речиси 13.500 евра, што е спротивно на Законот за плати на вработените во јавниот и државниот сектор.

Црногорското Специјално обвинителство во последните две години уапси десетина поранешни раководители на полицијата и судството, меѓу кои и поранешната претседателка на Врховниот суд Весна Меденица и поранешните директори на Полициската управа Веселин Вељовиќ и Славко Стојановиќ.