Антисемитизам и интерсекционалност

07.06.2023 00:35
Антисемитизам и интерсекционалност

Европската еврејска асоцијација (ЕЈА) на 14 мај одржа годишна конференција во Порто, Португалија, каде усвои резолуција во која се бара антисемитизмот „да се третира одвоено од другите облици на омраза и дискриминација“. ЕЈА исто така ги повикува „другите еврејски организации да ја отфрлат интерсекционалноста“ - концептуална рамка која категоризира разни групи како привилегирани или угнетени. Оваа асоцијација смета дека „антисемитизмот е единствен и мора да се третира како таков“, врз основа на тоа што „го санкционираат многу држави“, „со него се занимаваат Обединетите нации“, како и затоа што другите групи кои се жртви на омраза не го сметаат секогаш за форма на расизам.

Но зошто интерсекционалноста и разграничувањето помеѓу привилегираните и угнетените се проблематични од аспект на Евреите? Генерално, интерсекционалноста е корисен концепт во општествената теорија и практичната анализа. Кога анализираме одредени поединци или групи откриваме дека нивните искуства со угнетувањето или привилегиите рефлектираат широк спектар на различни фактори.

Ајде бесрамно да ја цитираме дефиницијата од Википедија:

Интерсекционалноста е аналитичка рамка за разбирање како различните општествени и политички идентитети на одредени лица се комбинираат при создавањето различни начини на дискриминација и привилегии. Интерсекционалноста идентификува повеќе фактори на предностите и пречките. Примери за овие фактори се родот, кастата, полот, расата, етничката припадност, класата, религијата, образованието, богатството, инвалидитетот, телесната тежина, староста и физичкиот изглед. Овие општествени идентитети кои се вкрстуваат и преклопуваат, можат да бидат и зајакнувачки и опресивни.“

Ана Сисон Ранјан од универзитетот во Синсинати објаснува дека поентата е во тоа што „формите на угнетување не се само адитивни, како сосема одвоени слоеви на доминацијата. Впрочем, обоените жени доживуваат поинаква форма на расизам од обоените мажи, исто како што доживуваат поинаква форма на сексизам од белите жени“.

Според истиот принцип антисемитската претстава „Евреин“ ги комбинира одликите на религијата, етничката припадност, сексуалноста, образованието, богатството и физичкиот изглед. Да се биде стигматизиран како Евреин подразбира припишување разни други одлики, како што се нечстотија, догматско придржување до верските правила, подли финансиски шпекулации и скриено глобално влијание - сето ова типично се истакнуваше во нацистичката пропаганда. Исходот од интерсекционалната анализа е дека сите индивидуи доживуваат единствени облици на угнетување или привилегираност врз основа на составот на својот идентитет. На пример, речиси секаде во светот црна лезбејка со ниски приходи би била во четирикратно понеповолна положба.

Тогаш зошто оние кои инсистираат на единственоста на антисемитизмот ја отфрлаат интерсекционалноста? Угнетувањето со кое беа соочени Евреите во развиените западни земји денес е малку подвосмислено, зашто Евреите заземаат и привилегирани позиции (економски, културни итн), а поврзувањето на Евреите со богатството и културата („Холивуд“ како еврејски) во јавната имагинација е само извор на класични антисемитски тропи. ЕЈА се грижи оваа комбинација на угнетувањето и привилегиите да го претвори антисемитизмот во само уште еден облик на расна омраза, не само во споредба со другите, туку и поблаг во споредба со другите облици на угнетување. Кога ќе ја употребиме интерсекционалната призма, омразата кон „Евреинот“, стравува ЕЈА, станува помал случај во широката таксономија на омразата.

Дали таквиот страв е оправдан?

ЕЈА со право инсистира дека во антисемитизмот постои нешто исклучително. Тој не е како другите расизми: неговата цел не е да ги потчини Евреите, туку да ги истреби. Антисемитот не ги доживува Евреите како помалку вредни странци, туку како прикриени господари. Холокаустот не е исто што и уништувањето на цивилизациите во историјата на колонијализмот; тој е единствен феномен на индустриски организирано уништување.

Но токму спојот на „угнетените“ и „привилегираните“ претставува клуч за разбирање на антисемитизмот, барем во неговиот современ облик. Во фашизмот „Евреинот“ служеше како надворешен натрапник кој можеше да биде обвинет за корупција, неред и експлоатација. Проектирањето конфликт помеѓу „угнетените“ и „привилегираните“ на жртвено јагне може да го одврати вниманието на луѓето од фактот дека тој конфликт всушност е својствен за нивниот политички и економски поредок. Затоа, фактот дека многу Евреи се „привилегирани“ (во смисла на нивното богатство, образованието и политичкото влијание) е фундаментален ресурс на антисемитизмот: тоа што се перцепирани како привилегирани, Евреите ги прави мета на општествена омраза.

Проблемите се создаваат кога некој ќе се обиде да го искористи исклучителниот статус на антисемитизмот за да ги поддржи двојните стандарди или да забрани каква било критичка анализа на привилегиите кои Евреите просечно ги уживаат. Во дијалогот кој во 2020 година го организираше Der Spiegel за антисемитизмот и движењето „Бојкот, дивестирање, санкции“ (БДС) против Израел, изречен е диктум дека „Евреинот, а не потенцијалниот антисемит, одредува кој е антисемит“ („Wer Antisemit ist, bestimmt der Jude und nicht der potenzielle Antisemit“). Но ако е така, зарем не би требало да го примениме истиот принцип на Палестинците на Западниот брег? Лишени се од сопствена земја и основни права исклучиво затоа што се Палестинци.

Меѓутоа, ставот на ЕЈА се потпира на сопствената интерсекционална рамка. Секоја анализа на привилегираните позиции кои ги заземаат некои Евреи веднаш се прогласува за антисемитска, а дури и критиките на капитализмот се отфрлаат на истата основа, заради поврзаноста на „еврејството“ и „богатите капиталисти“. На тој начин се извртува марксистичката теза дека антисемитизмот е примитивна, искривена верзија на антикапитализмот: антикапитализмот е маска на антисемитизмот.

Ако од тоа произлегува дека еврејството е исклучително и нераскинливо поврзано со капитализмот, зарем не ни останува само старата антисемитска тропа? Зарем со тоа не ги предизвикуваме директно сиромашните и угнетените да ги обвинат Евреите за својата несреќа? Другите еврејски организации треба да го отфрлат ставот на ЕЈА, не заради некаква опсцена потреба за „рамнотежа“ помеѓу различните облици расизам, туку заради унапредување на самата борба против антисемитизмот.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографиите се од филмот ФАУСТ (Александар Сокуров, 2011)

Извор: https://www.project-syndicate.org/
 

ОкоБоли главаВицФото