Во Кавадарци иницијатива „Подари тепих, стопли нечиј дом”

Неделата на солидарност е одлична можност за иницијатива за поддршка на лица во социјален ризик, информираа денеска од Комисија за еднакви можности при Совет на Општина Кавадарци, најавувајќи ја иницијативата „Подари тепих, стопли нечиј дом”. Од Комисијата упатија повик до сите жители  и сите добронамерни и хумани луѓе.

– На иницијатива на Тепих центар „Бабилон” и „Мардини”, а во соработка со  Комисијата за еднакви можности на Општина Кавадарци, ги повикуваме сите хумани луѓе кои имаат веќе искористени, но добро сочувани теписи. Ако не ги користат повеќе за свои потреби и би сакале да ги подарат,  да се приклучат на оваа хумана иницијатива, порача Марија Камчева, координаторка на Комисијата. 

Откако ќе се воочи потреба од тепих за семејство што е во социјален ризик, ќе се пристапи кон донирање. 

Подарениот  тепих, најпрво ќе биде скроен и порабен по димензии кои одговараат на потребите на семејството од страна на ,,Мардини”, а подоцна темелно исчистен и доставен на адреса, од страна на ,,Бабилон”, подвлече Камчева.