Американското разузнавање смета дека Путин најверојатно не го наредил убиството на Навални

Американските разузнавачки агенции утврдиле дека рускиот претседател Владимир Путин веројатно не го наредил убиството на опозицискиот блогер Алексеј Навални во затвор на Арктикот во февруари годинава , објави во саботата The Wall Street Journal.

Навални, кој имаше 47 години кога почина, беше најжестокиот домашен критичар на Путин. Неговите соработници, означени како екстремисти од властите, го обвинија Путин дека го убил и рекоа дека ќе обезбедат докази за да го поддржат нивното тврдење.

Кремљ негираше каква и да е вмешаност на државата во смртта на блогерот кој беше првично осуден за финансиски малверзации и други дела вклучително и непочитување на судската одлука со којашто беше условно осуден, а потоа стана личност којашто на Западот беше доживувана како единствен политички противник на претседателот Путин.

Во март Путин ја нарече смртта на Навални „жалосна“, потврдувајќи ги претходните шпекулации во западните медиуми дека бил подготвен да го предаде затворениот политичар на Запад во размена на затвореници, под услов Навални никогаш да не се врати во Русија. Соработниците на Навални изјавија дека такви преговори е воделе.

Сега The Wall Street Journal, цитирајќи неименувани луѓе запознаени со ова прашање, во саботата објави дека американските разузнавачки агенции заклучиле дека Путин најверојатно не го наредил убиството на Навални во февруари. Меѓутоа, Вашингтон не го ослободи рускиот претседател од целосната одговорност за смртта на Навални, имајќи предвид дека Навални наводно со години бил цел на руските власти, дека бил затворен поради политички мотивирани обвиненија и дека во 2020 година бил отруен со нервен агенс.

Кремљ негира вмешаност на државата во труењето на Навални во 2020 година и посочува на извештајот на болницата во Берлин во којашто опозиционерот беше испратен со дозвола од руските власти по инцидентот на летот кој итно беше приземјен на рускиот далечен исток.

Агенцијата Reuters наведва дека не можела независно да ги потврди наводите на The Wall Street Journal, кој цитира извори кои велат дека оценката е „широко прифатена во разузнавачката заедница и споделена од неколку агенции, вклучително и Централната разузнавачка агенција (CIA), Канцеларијата на директорот на Националната разизнавачка служба и разузнавањето на Стејт департментот.

Американската проценка се заснова на низа информации, вклучително и одредени доверливи калсифицирани разузнавачки информации и анализа на јавно достапни податоци, вклучително и времето на смртта на Навални и фактот дека тоа фрли дамка на реизборот на Путин во март, пишува The Wall Street Journal, цитирајќи некои од неговите извори.

Еден од главните соработници на Навални, Леонид Волков, споменатите тези за Reuters ги оценил како „наивни и смешни“.