Search

25 години „Роман на годината“

Една од најзначајните награди во книжевноста кај нас е наградата Роман на годината која годинава има јубилеј од 25 години. Од 1999 година со отварањето на Утрински весник, се воспоставува оваа награда која низ текот на годините стекнува големо реноме како резултат на професионалниот тим кој ги жирира и оценува пристигнатите романи во трка за наградата.  18 години функционира под капата на Утрински весник, а по згаснувањето на весникот уредувањето го презема фондацијата Славко Јаневски на чело со извршниот директор Ѕвездан Георгиев.

Годинава ќе биде прогласен 25 годишниот награден роман и жири комисијата во состав:  Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на жирито), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), констатираше дека се пристигнати дела од различни жанрови и дека процесот за избор на најдобро дело нема да биде воопшто лесен.

Сите наслови треба да ги прочитаат сите наслови за месец и половина. Обично во првиот круг отпаѓаат оние кои ја немаат вредноста да продолжат понатаму, а тоа е обично половина од пристигнатите романи а потоа се продолжува во втор круг со оние наслови кои жирито ќе процени дека заслужуваат. Во третиот круг трката веќе е многу тесна а четвртото жирирање е прогласување на победникот. Гласањето е секогаш анонимно, тајно.

Конкурсот секогаш се распишува во декември, а прогласувањето е секогаш во март.

Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во тековната година.

На својата конститутивна седница, жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатираше дека на годинашниот конкурс пристигнаа 35 романи.

Жири-комисијата и годинава ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи јавно ќе бидат објавени. Името на добитникот треба да биде објавено до 15 март.

Наградата „Роман на годината“, која е поддржана и од Министерството за култура на Република Северна Македонија, се состои од плакета, оригинална статуета и паричен износ од 150 000 денари.

„Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на Влада Урошевиќ („Арс либрис“, 2022) беше лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2022 година.

Влада Урошевиќ

„За мене посебна тежина на наградата ѝ ја дава фактот што, од 2017-татата, зад неа стои „Фондацијата Славко Јаневски“ – поради тоа, во мојата претстава, ја чувствувам наградата како своевидно продолжување на моето дружење со Славко Јаневски, на никогаш завршениот дијалог со овој наш голем и веќе легендарен творец, ја доживувам како уште еден миг помеѓу толкуте исклучителни мигови од пријателските средби исполнети со заемно разбирање и со вкрстување на искуства, со ткривања на заедничките афинитети и со обостраното поттикнување и проникнување во теми што ни беа блиски и на двајцата.

Со нетрпение го чекам новиот роман кој, следната година ова време, ќе го понесе називот „Роман на годината“, придружувајќи се на тој начин на редицата дела кои, во мигот на појавата, донесуваа нови вредности , а кои, во текот на годините, се потврдија како траен придонес кон македонската книжевност“, изјави Влада Урошевиќ во моментот на примање на наградта, а сега од позиција на веќе награден автор и претседател на жири комсијата вели дека задачата на жири комисијата е навистина одговорна, затоа што на конкурсот се пријавиле многу квалитетни наслови и изборот ќе биде навистина тежок.

„Навистина 2023  беше година која ќе ми остане во сеќавање, особено по наградата Роман на годината. Оваа награда се стекна со големо реноме, тоа е една награда со голема звучност, и кај извесен дел од публиката звучи. Дека го крева бројот на продадени примероци, тоа е сигурно. Тоа е награда која најмногу го крева бројот на продадени примероци. И  на издавачот тоа му носи извесна корист ако романот добие извесна награда. Почнува веќе кај нас да се цени тоа ако некоја книга добие награда, особено оваа Роман на годината, таа е најзвучна. И мене ми значеше што ја добив и бев многу радосен, Во претходните години моите романи влегуваа во најтесен избор ама никако не се закитија со главната награда. Инаку деновиве интензивно читам, ги читам овие овие 36 романи кои годинава се натпреваруваат за наградата како Претседател на жири комисијата и можам да ви кажам дека навистина ќе имаме тешка задача да одбереме најдобар роман меѓу толку добри“, вели Влада.

Јагода Михајловска Георгиева со Оливера Николова

Јагода Михајловска Георгиева  во 2008 ја доби наградата за книгата Индиго бомбај и за истата вели: „Кога ја добив наградата, многу ми значеше и ниедна награда толку многу не сум посакувала, односно таа беше единствената што толку ја посакував затоа што беше најпрестижна награда кај нас, не знам сега како е. Тогаш ја добиваа потврдени авторски имиња на кои јас им симнував капа. Исто така многу ми значеше да ја добијам бидејќи темата на Индиго бомбај беше специфична а тоа што во Индиго бомбај го зборував сакав да стигне до многу читатели, а таа нагарада го донесе токму тоа. Имаше многу изданија едно по друго, што не се случило со ниедна друга моја книга досега и знам дека стана популарна и читана и до ден денес се уште ја бараат читатели затоа што не ја прочитале. Тогаш ми значеше, години потоа, сега веќе не знам колку години поминаа, ама не ја доживувам толку силно туку само како еден убав радосен момент што тогаш ме исполни со задоволство и тоа поминува кратко трае. Не ми влијаеше наградата како поттик еве земав награда, па веднаш ќе пишувам. Не, јас пишувам кога ќе ми дојде одвантре, не можам да не го извадам тоа“.

Фотограф: Наташа Атанасова

Фросина Пармаковска беше првонаградената со нејзиниот роман „Одбројување“ од фондацијата Славко Јаневски во 2017 година. „Наградата Роман на годината отвора многу врати за нови можности, особено кај помладите писатели. Лично за мене и за мојот роман Одбројување, наградата значеше пристап кон поширока читателска публика (романот има три изданија), многу гостувања низ нашите градови: Битола, Кавадарци, Кочани, Охрид, Радовиш, но и во странство: Хрватска, Германија (саемот во Лајпциг), Саемот во Истанбул, Бугарија итн. Освен тоа, романот побуди интерес и кај странски издавачи, па така, беше преведен на бугарски и на српски, а извадоци од него беа објавувани во странски книжевни публикации на англиски, германски и други јазици“, изјави Фросина.

Оливера Николова е единствена која два пати ја има добиено оваа престижна награда во 2004 и 2020 година, а годинава од Претседателот на државата го доби и признанието Заслужен граѓанин на Р.С. М.

Симона Јованова и Снежана Младеновска Анѓелков се авторките кои имаат добиено награди за дебитантски роман и тоа за: „Денот на црвот“ во 2021 година (Симона) и „Единаесет жени“ во 2011 година (Снежана). „Станува збор за многу сериозна престижна награда затоа што ние генерално сме мал пазар со текот на времето се помалку се чита и оваа награда многу значи за делото да добие публицитет. Во таа година кога јас ја добив тоа беше навистина хајлајт затоа што бевме скоро излезени од корона, и не знам дали значеше тоа што е награден да добие свое второ издание. Што се однесува на наградата, што мислам дека е многу значајна барем во мојот случај така се покажа е тоа што веднаш ме исконтактира бугарски преведувач за превод на бугарски а после кратко време на преговори успеавме да договориме и српски превод. Што се однесува до кариера, искрено јас се трудам и би сакала со секоја нова книга моето пишување да станува сѐ подбро и подобро. Ако пишуваш за себе и искрено од внатре тоа ќе биде и најдоброто нешто што читателот може да го добие. Оваа година сметам дека е многу силна конкуренцијат и посакувам да победи најдобриот“, вели Симона.

Одбројување на Фросина Пармаковска е првиот награден роман од Фондацијата а првиот награден роман од Утрински весник е „Куќата на Мазарена“ од Слободан Мицковиќ.

За наградата секогаш одлучува петчлена жири-комисија, која е составена од реномирани книжевни дејци и еден претставник на редакцијата. По згаснувањето на весникот во 2017 година, конкурсот го распишува и наградата почнува да ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, формирана во ноември 2017 г. од страна на повеќе искусни новинари и уредници во некогашниот „Утрински весник“.

Најново

Последни колумни