(ВИДЕО) ТАСС: Тројца повредени во експлозија на украински дрон во Русија

Експлозијата што ја предизвикал, како што тврдат руските медиуми, украинскиот дрон се случила во градот Кирејевск, кој се наоѓа на околу 220 километри јужно од Москва. При ударот е направен голем кратер, а освен тројцата повредени, оштетени се и неколку околни станбени објекти

Три лица се повредени, а исто толку станбени објекти се оштетени во експлозија на украинско беспилотно летало во центарот на рускиот град Кирејевск, јави агенцијата ТАСС, повикувајќи се на извори од службите за спроведување на законот, пренесува РТС.

Новинската агенција „Ројтерс“ наведува дека официјален Киев не одговорил веднаш на упатеното барање за коментар во врска со случајот.

Украина претходно ги негираше руските тврдења дека нивни беспилотни летала, познати како УАВ, летаат на руска територија и гаѓаат цивилна инфраструктура.

„Украинскиот УАВ Tu-141 стриј беше причина за експлозијата во градот Кирејевск во областа Тула“пренесува руската новинска агенција ТАСС извор од агенцијата за спроведување на законот, нагласувајќи дека „дронот бил полн со експлозиви“.

Кирејевск се наоѓа на околу 220 километри јужно од Москва.

Се верува дека никој од тројцата повредени во експлозијата нема повреди опасни по живот, пренеле руските новински агенции.

Според претставници на локалната спасувачка служба, експлозијата оставила голем кратер во центарот на Кирејевск.

Руските власти претходно во неколку наврати објавија за напади со беспилотни летала на неколку градови во близина на руската граница со Украина.

„Ројтерс“ потсетува дека тројца членови на руските воздухопловни сили беа убиени на 26 декември минатата година, кога беспилотно летало за кое се верува дека е украинско беше соборено во главната база на руските стратешки бомбардери во близина на Саратов, откако прелетало стотици километри низ рускиот воздушен простор.

 

Back to top button
Close