Борка Талески и Лазо Колевски – Лавски заедно го креваа востанието во 1941 година, заедно загинаа

Заедно војувале како партизани, заедно загинале, а потоа беа прогласени и за народни херои. Taква е приказната за двајцата македонски револуционери, Борка Талески и Лазо Колевски – Лавски, кои своите животи за слободна Македонија ги положиле на денешен ден пред 82 години, на 2 март 1942 година. На тој ден, во попладневните часови, Талески и Колевски се враќале од Кавадарци при што во месноста Чашка, во близина на селото Плетвар, по претходно предавство, паѓаат во заседа подготвена од страна на бугарската окупаторска полиција. Биле опколени, а потоа и убиени биле од старешината на полициската станица во Тројаци, Дончо Колев со автомат. Според полицискиот билтен од 20 март 1942 година, предавството го извршил тогашниот кмет од селото Царевиќ.

Но, споменот на нивното дело останал. За сето она што го направиле во текот на борбата против окупаторите Талески и Колевски, по конечното ослободување на Македонија биле прогласени и за народни херои. А во тоа бил посебно важен нивниот придонес во кревањето на вооруженото востание на македонскиот народ во текот на 1941 година.

Борка Талески, роден на 19 август 1921 година во Прилеп, биле непосреден организатор на востанието започнато на 11 октомври 1941 година во Прилеп. Потекнувал од сиромашно семејство, а се образувал во родниот град и во Битола. При крајотна средното образование веќе се определува да се посвети на борбата за ослободување на македонскиот народ. Потоа, се запишува на студии на Медицински факултет во Белград каде уште повеќе се активира и се наметнува како храбар и одлучен. Учествувал на сите демонстрации организирани во Белград, а покажал и организациски способности. За време на летните и зимските одмори, Борка држел состаноци и курсеви во Прилеп, а држел и комунистички и работнички состаноци, а пишувал и летоци.

Во 1940 година се одржала големата Илинденска демонстрација во Прилеп, после масовниот излет на Шаторов Камен. Борка Талески бил првиот говорник пред насобраната толпа народ во Прилеп. Пред народот зборувал за независноста и самобитноста на македонскиот народ и Македонија, а особено имал познавања од Илинденскиот период. Поради овој настан Борка бил уапсен од властите. Тој бил држен во затворот на Ада Циганлија во Белград, а потоа во логорот Ивањица. Тој бил затворен неколку месеци. По ослободувањето, Борка се вратил во Прилеп во својство на член на Месниот комитет на Комунистичката партија.

Многу наскоро Борка Талески бил земен како член на Бирото на ПК на КПЈ за Македонија во Скопје. Талески не прифаќал мешање на БКП во македонската партиска организација, поради што бил исклучен од активностите за зацврстување на партиските организации. Од 9 до 19 октомври Борка бил меѓу партизаните по планините околу Прилеп, во период кога е извршен нападот на Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во 1942 година повторни оперирал во Прилеп, за подоцна да го пратат во Кавадарци. Во Кавадарци станал близок со Лазо Лавски, со кого имал развиена меѓусебна почит и разбирање.

Лазо Колевски – Лавски, пак, е роден во 1918 година во село Мрзен, лавадаречко. Рано останал без мајка и тешкиот живот го принудил заедно со татко му да се пресели во Прилеп, каде што го завршил основното образование. Набрзо го напуштил Прилеп и еден период живеел во Градско, каде работел како чирак во една пекара. Во Велес дошол во контакт со тамошните револуционери и од тој момент започнал неговиот бурен живот. Во 1937 година заминал како печалбар во Белград, каде што се вклучил во тамошното синдикално движење и станал член на Комунистичката партија. Таму Лавски се запознал со прилепската група на студенти и станал посебно близок со Кузман Јосифовски–Питу, кој во тоа време се школувал во Белград. По враќањето во Прилеп, како активист на УРС-овите синдикати, учествувал на Илинденските демонстрации во 1940 година. Еден месец подоцна, полицијата го запленила весникот „Пролетер“ и други партиски материјали, при што биле уапсени голем број лица, меѓу кои и Лазо. Затворен бил 15 дена, при што цело време бил тепан, но не признал ништо и не предал никого.

Набргу го добил прекарот Лавски, кој подоцна ќе му стане и партизанско име. По окупацијата бил член на месниот воен штаб на МК на КПЈ во Прилеп и инструктор за ракување со оружје, а едно од складиштата за оружје била и неговата куќа. Во септември 1941 година учествувал при акцијата кај тунелот во Богомила, каде што пукал во стражарот пред тунелот. Бил борец на Првиот прилепски НОПО „Гоце Делчев“. При крајот на октомври 1941 година, со само 23 години, станал заменик командант на партизанскиот одред „Гоце Делчев“. По растурањето на одредот заминал во илегала, а на почетокот на 1942 година работел на подготовките за формирање на нов партизански одред. Во јануари и февруари Лавски бил постојано во обиколка на околните села и ги организирал доброволците за новиот одред. Потоа, делувал заедно со Борка Талески се до нивното заедничко загинување.

Претходна вестСкопјанец девет години криел дека мајка му е почината, па продолжил да користи семејна инвалиднина
Следна вестПроменливо облачно со услови за краткотраен локален дожд