На објектот на Центарот за култура (НУЦК) „Марко Цепенков“ во Прилеп се реализираше мурал од Ивана Самандова, придружена од уметниците Методи Исков и Александар Џинго, а фокусот на муралот е величината на Марко Цепенков.
Овој мурал се реализира во рамки на „Јазикот коски нема, но коски крши“ – проект на визуелната уметница Самандова во поддршка на Mинистерство за култура и Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ.
Како еден еден од најбитните и истакнати фигури во македонската историја и култура, Марко Цепенков е познат како собирач на македонски народни умотворби кои се од големо значење за македонската фолклористика, лингвистика и етнографија. Меѓутоа, од архивата на неговите записи и лични цитати, она што е фасцинантно се токму неговите лични записи со безвременски карактер кои до ден-денес се релевантни во одредени општествени, социолошки и културолошки аспекти. Да се потсетиме и на неговите зворови: Jас сум ти како питач што одам, од куќа до куќа и бележам што ќе слушнам, да остане вечно, да не се заборави.
Една од главните идеи за овој мурал е создавањето „искра“ и љубопитност кон истражувањето и врската меѓу современиот свет и историското културно наследство. Избегнувањето на централизираноста на културата и уметноста во само еден град како и остварувањето на соработката помеѓу Центарот за култура и локалните уметници, е стремеж кон визуелно осовремување и освежување на објектот, создавајќи ликовна композиција која корелира со предизвикот и играта на архитектурата.
Цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ (Правдината се тенчи, но не се кине) е личен цитат од Марко Цепенков преку кој може да се интерпретираат неколку перспективи како истрајноста, флексибилноста и настојувањето во потрагата на правдината во општествените пошироки аспекти. Овој концепт на правдина укажува дека и во мигови кога таа умее да биде истенчена, никогаш не може да биде комплетно уништена. Фундаменталните принципи на правдината се издржливи, а нејзината флексибилност е таа која умее да се прилагоди во разновини контексти кадешто се наоѓаат решенија за комплексни ситуации од страна на бројни ентитети кои застануваат на страната на она што е исправно.
Во март, организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски покренаа акција за обновување на фасада на зграда во центарот на Скопје, изработувајќи мурал посветен на потребата од солидарност.