ЕкономијаНовостиСветот на работникот

Евро-комесарот Шмит е за воведување на четиридневна работна недела ширум Европската унија

   Време за читање 3 минути

Подготвил: Бобан Илијевски

Европската унија треба да „турка“ кон воведување четиридневна работна недела, особено во секторите каде има недостиг на работна сила. Ова, во интервју за португалската новинска агенција Lusa, го изјавил Европскиот Комесар за вработување и социјални права, Николас Шмит.

„Мислам дека тоа е нешто кое прогресивно се движи напред, бидејќи новите генерации имаат одредена визија за балансот помеѓу работата и приватниот живот“, рекол Шмит и додал дека тој е отворен за таква промена.

Во време кога Португалија веќе работи на пилот- проект за воведување на четиридневна работна недела, Комесарот посочил дека „не постои заедничка позиција“ во ЕУ за намалувањето на работната недела.

„Сметам дека тоа е нешто што ќе се случи со договор помеѓу социјалните партнери“, посочил Шмит.

Николас Шмит, Евро-комесар за вработување и социјални права/Фото: Европска комисија

Давајќи го примерот за Германија, каде најголемиот синдикат (ИГ Метал) се стреми кон тоа да се воведе четиридневна работна недела, каде некои компании веќе предложиле вакво решение за регрутирање на работници, особено во транспортниот сектор, Шмит додал дека „со намалувањето на работното време можат да се привлечат работници“.

„Со оглед на тоа дека постојат потешкотии во одредени сектори во привлекувањето на кадар, можеби истите треба да ја преземат оваа иницијатива за да станат поактрактивни“, рекол Шмит, потенцирајќи дека ова е нешто што треба да се случи преку преговори меѓу социјалните партнери.

За ЕУ, „најголемиот проблем не е невработеноста“, туку недостигот на работна сила. Навистина, „многу сектори очајно бараат работници, но не можат да најдат, бидејќи луѓето не сакаат да работат таму или пак ги немаат потребните вештини“, рекол тој.

„На пазарот на труд се‘ уште имаме големи несовпаѓања во вештините“, ситуација на која Европската унија треба да одговори, посочил тој.

Во Португалија, во рамките на Агендата за пристојна работа, се планира пилот-проект преку кој ќе се тестира четиридневната работна недела. Истиот ќе се спроведе доброволно и без никакви загуби на приходи.

Во балнсот на првата фаза од овој пилот-проект кој беше презентиран во март, било најавено дека во втората фаза на имплементирање на четиридневната работна недела ќе учествуваат 46 од вкупно 99 заинтересирани компании.

Меѓу главните причини поради кои компаниите не напредувале кон подготвителната фаза биле глобалната економска состојба, потребата за финансиска инвестиција, комплексноста на нејзината имплементација… додека другите забележале дека „не е најдоброто решение на проблемите“ и дека бенефитите од мерката „нема да бидат одлични“ во корпоративен контекст.

Најголемиот дел од 46-те компании кои продолжиле со проектот поддржан од Владата, имаат до 10 работници, додека пет од нив вработуваат повеќе од 1,000 луѓе.

Главнните сфери кои се претставени во втората фаза од проектот се консултативни, научни, технички и слични активности, со речиси 40 %, по што следат едукативни и информациско – комуникациски активности – со по 15 % секоја.

Извор: Euroactiv

Фото: Canva

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси