Илјада пати повторената лага

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Просто е неверојатно колку правилата од разузнавачкиот „психолошки профил“ на Хитлер од пред 80 години се универзално употребливи и ден-денес. И масовно се употребуваат од сите држави што денес здушно дуваат во огнот на војната. Како е можно духот на Хитлеровиот психолошки профил да е сеприсутниот принцип на „јавната вистина“ што денес ја креира нашата стварност?

Додека го слушам роморот на упорниот есенски дожд што, како за инает, сака да го обезличи првиот ден на пролетта, мислите ми ги облива тивок восхит пред неверојатниот напредок на психолошката наука, која – иако долго време ја сметавме за инфериорна пред безмерната сложеност на умот – во последните децении обезбеди голем број експериментални докази за тоа како човечкиот ум функционира.

Едно од најинтересните сознанија е дека познатата изрека „илјада пати повторената лага станува вистина“ е всушност денес докажана научна вистина што се темели на некои од основните постулати за начинот на кој нашиот мозок функционира.

Научниците веќе со сигурност знаат дека когнитивната функција на човечкиот мозок функционира во два режима, едниот брз, а другиот бавен. Брзиот систем на мислење е практично како автоматски пилот што нè води низ поголемиот дел од животот и тој се темели на интуитивноста, асоцијативноста и на брзото мемориско пребарување. Бавниот систем на мислење е рационален и логичен и тој се активира секогаш кога брзиот систем налетува на ситуации кога интуицијата нема брзи одговори и кога е потребно ментално напрегање, значи мислење со брчкање на челото, кое – сите знаеме – човештвото го одбегнува секогаш кога може.

И тука се појавува механизмот на вистинитоста на повторуваната лага како еден од основните начела на брзиот режим на мислење. Имено, луѓето се наклонети да ја прифатат повторуваната лага за вистина од проста причина што брзиот режим на мислење – бидејќи никогаш нема време за проверка – е наклонет познатите работи да ги прифаќа за вистинити. Да, луѓето полесно ќе ги убедите дека лагата е вистина, едноставно затоа што повторуваната реченица станува позната, умот веќе се фамилијаризирал со неа, па по линијата на помал отпор – и помало напрегање на бавниот режим на мислење – ја прифаќа за вистинита токму поради фактот што познатото многу тешко се разликува од вистинитото.

Дека повторуваните зборови, изјави, ситуации и настани автоматски стануваат вистинити и тоа не поради некоја фалинка во нашиот ум, туку затоа што таквиот начин на мислење е еволуциска придобивка не само на нашиот вид, туку и на целиот животински свет, е веќе добро докажана и широко усвоена психолошка научна вистина. Конечно, самата линија на опстанокот ја утврдува наклоноста кон работите што се повторуваат, зашто тие автоматски ја означуваат и безбедноста на животот. И обратно, изгледите за опстанок на животното што нема да се посомнева во нешто ново, што првпат се случува, се сведува на нула. Додека кога нештото се повторува, а не се случува ништо лошо, самото повторување ја носи со себе пораката за безбедноста, а токму безбедноста е најдоброто нешто во животот.

Интересно е дека – по некоја необјаснива историска правдина – најголемите злосторници на крвавиот 20 век, Јозеф Гебелс и неговиот шеф Адолф Хитлер станаа жртви токму на „илузијата на вистинитост“ на повторуваните лаги. Цитатот дека „илјада пати повторената лага станува вистина“ му е безбели милион пати до денес припишан на злогласниот министер на пропагандата на нацистичка Германија Гебелс. Денес на целата планета нема човек што не смета дека Гебелс не само што ја кажал зловестата изјава, туку и дека обилно ја користел како пропагандна техника за време на Хитлеровата власт. И додека ова второво е докажана вистина, за првото не само што не постои ниту една историска трага или доказ, туку обратно: Гебелс како ненадминат мајстор на пропагандата безброј пати напишал и изјавил дека пропагандата мора да се темели само на вистината и дека својата основна задача таа ја врши успешно само како пренесувач на вистината.

За повторуваната лага Гебелс пишувал само во контекст на неговата критика на англиското политичко водство. Во јануари 1941 тој напишал: „Тајната на англиските водачи не зависи од некоја посебна интелигенција. Уште повеќе, таа се темели на особено глупавата тврдоглавост. Англичаните го следат начелото дека кога лажат, тогаш лажат на големо, а потоа упорно се држат до лагата. Тие ги повторуваат своите лаги, дури и ризикувајќи да изгледаат смешно глупави“. По Втората светска војна Гебелсовата анализа на англиското повторување на нивните лаги му е припишана нему и, како илјада пати повторена, лагата денес претставува неспорна глобална вистина.

Истата судбина го снашла и неговиот шеф Хитлер, сосем заслужено најозлогласената личност во човечката историја. На Хитлер му се припишува изјавата за тоа дека луѓето попрво ќе поверуваат во голема отколку во мала лага и, исто како и во случајот со неговиот шеф на пропагандата, овој илјадници пати повторен Хитлеров цитат станал општо позната вистина, иако се работи само за доволно долго повторувана лага. Факт е дека цитатот е извадок од Хитлеровата анализа во неговата автобиографија „Мојата борба“, каде што тој ги оптужува виенските Евреи дека со лаги ги дискредитирале германските политики во Првата светска војна. Таму Хитлер – изненадувачки суптилно – го анализира еврејскиот капацитет за лажење и тоа на начин што „во големата лага секогаш постои извесна сила на веродостојноста; зашто широките маси се секогаш полесно излажани врз основ на својствата на нивните подлабоки емоционални слоеви отколку свесно и волно; па така во примитивната едноставност на нивните умови тие полесно стануваат жртви на големи лаги отколку на мали, зашто и самите често кажуваат мали лаги за дробни нешта и се срамат да се послужат со голема измама. Ним никогаш не би им паднало на памет да измислат колосални невистини, та никогаш и не би можеле да поверуваат дека некој друг би бил толку дрзок толку грамадно да ја изопачи вистината. Дури и кога фактите што ја разоткриваат измамата ќе им бидат јасно предочени, тие и понатаму ќе се сомневаат и ќе продолжат да бараат друго објаснување…“ Се разбира, Хитлер и Гебелс се виновни за најголемите злостори против човештвото, но останува фактот дека ние сите веруваме во вистинитоста на лагите за нивните наводни изјави.

Фрапантните психолошки откритија за биолошката и за когнитивната втемеленост на афоризмот за вистинитоста на повторуваните лаги, признавам, сосем ненамерно и неконтролирано ме одведоа до зловестите историски примери од времето на најужасната од сите војни. Но, психолозите тврдат дека ваквите заталкувања никогаш не се случајни: асоцијациите за добата на пропагандната лага и за масовната гибел од пред 80 години со сигурност ми надојдоа како потсвесна реакција на прекумерната пропагандна лага на која сме изложени деновиве, во мугирите на третата светска војна.

Чувствувајќи ги современите паралели со таа оловна доба, се сетив на психолошкиот профил на Хитлер што уште за време на војната го изработила ОСС, тогашната американска воено разузнавачка служба: „Неговите основни правила се: никогаш не дозволува јавноста да се олади; никогаш не признава грешки или дека не е во право; никогаш не признава дека кај непријателот може да постои и трошка добро; никогаш не остава простор за алтернативи; никогаш не признава вина; се концентрира на еден непријател и него го обвинува за сè што ќе тргне на лошо; луѓето попрво ќе поверуваат во голема лага отколку во мала и, ако ја повторуваш доволно често, порано или подоцна тие ќе ѝ поверуваат.“

Просто е неверојатно колку овие правила од разузнавачкиот „психолошки профил“ на Хитлер од пред 80 години се универзално употребливи и ден-денес. И, згора на тоа, масовно се употребуваат од сите држави што денес здушно дуваат во огнот на војната. Како е можно духот на Хитлеровиот психолошки профил да е сеприсутниот принцип на „јавната вистина“ што денес ја креира нашата стварност?

(Авторот е архитект)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот