Ѕвездата на Спортинг ја предводи листата на фудбалери кои летово може да заминат во топ 5 лигите

Освен во топ 5 лигите во фудбалска Европа, и во другите првенства има одлични фудбалери кои се цел на најголемите клубови и реална е можноста уште летово да направат трансфери во топ лигите.

Оваа листа ја предводи Виктор Ѓокереш од Спортинг Лисабон, кој е прв стрелец во португалската лига, а вечерва има прилика и да го зголеми водството и да го доближи својот тим до титула.

Ѓокереш е 25-годишен Швеѓанец, а договорот со Спортинг му е до 2028 година, но Лавовите тешко дека ќе го задржат кај себе уште долго. Спортинг го купи Виктор од Ковентри за 21 милион евра, а сега може да го продаде неколкукратно поскапо. Челзи и Арсенал се најзаинтересирани за него.

Дијамант во португалската лига има и Бенфика, а тоа е Жоао Невеш, кого го нарекуваат новиот Фиго. Тој има 19 години, игра во средниот ред, а Бенфика за него има клаузула од 150 милиони фунти. Сите најбогати премиерлигаши, плус ПСЖ и Баерн, се на листата на потенцијални купувачи.

Бразилецот Еванилсон од Порто, кој има 24 години, е опасен напаѓач кого го сакаат Арсенал, Њукасл и Милан и може да го добијат за 50-60 милиони евра.

Освен во португалската лига, потенцијални „бомби“ има и во Холандија. Во прв ред тука е мексиканскиот голгетер Сантијаго Хименес од Феенорд. Тој има 22 години, а лани во календарската година даде 31 гол, надминувајќи го рекордот на легендата Луис Суарес од времето кога Уругваецот играше за Ајакс.

Наполи го разгледува Хименес како замена за Осимен, Тотенхем го гледа како наследник на Кејн, а за Мексиканецот заинтересирани се и Арсенал, Челзи, Вест хем и Барселона.

Јохан Бакајоко од ПСВ е 20-годишен Белгиец кого во своите редови го посакуваат Ливерпул, Манчестер сити, Челзи, ПСЖ и Борусија (Дортмунд). Тој е крилен напаѓач, а ПСВ од негова продажба се надева на заработка од 70-тина милиони евра.

На листата на најценети играчи кои не се од топ 5 лигите е и Оскар Глух. Тој е Израелец кој настапува за Салцбург. Сега цената му е околу 50 милиони. Барселона го посакуваше, но клубот има финансиски проблеми, не може да си дозволи да го купи.

- Оглас -

Најнови вести