Тепачка на фудбалски натпревар во ОФЛ Кисела Вода: Четири играчи физички нападнале противнички играч!

Натпреварот од Општинската фудбалска лига меѓу Кул Здравје и Славија Пржино не го дочека својот крај откако главниот судија Матеј Здравковски од Скопје, како што е заведено во самиот записник од натпреварот, во 85. минута го прекинал натпреварот бидејќи четири играчи на гостинскиот тим односно од ФК Славија Пржино го нападнале противничкиот фудбалер од домашниот тим односно ФК Кул Здравје.

Овој инцидент е пријавен и во полициска станица, откако играчите биле повикани во полициска станица и се работи на расчистување на случајот.

„На 24.03.2024 во 15.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на фудбалски стадион на подрачјето на Кисела Вода за време на фудбалски натпревар, Б.Ц.(18) од с. Сопиште, скопско, Б.П.(33), С.С.(33) и М.Ј.(33) сите од Скопје, кои биле играчи на фудбалски клуб од Скопје физички го нападнале Х.Б.(21) од с. Луково, струшко, кој бил играч на другиот фудбалски клуб од Скопје. Тие се повикани во полициска станица и се работи на расчистување на случајот“, стои во соопштението од МВР.

Натпреварот меѓу Кул Здравје и Славија Пржино во рамки на 11. коло од Општинската фудбалска лига Кисела Вода при резултат 0:0 во 85. минута беше прекината поради овој неспортски настан.